„Станува збор за систем кој МВР го развиваше во изминатиот период со цел намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи. Во процесот на тестирање се проверува јасноста на снимките, прецизноста при читањето на регистарските таблички и точноста на податоците што системот ги регистрира. Според стручните служби вклучени во верификацијата, утврдените отстапувања во мерењето на брзината се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира висока сигурност и доверливост на системот.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски истакна дека со овој систем се поставуваат повисоки безбедносни стандарди во сообраќајот и неговата цел е јасна – помалку незгоди, помалку повредени и повеќе спасени човечки животи.
Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на територијата на целата држава. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, кои ќе дејствуваат особено на т.н. „црни точки“ на патиштата.

„Системот работи автоматски и непристрасно – камерата не прави разлика меѓу луѓе, туку евидентира прекршок. Законот важи еднакво за сите, а безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, нагласи министерот.
Од МВР потенцираат дека примената на системот веќе покажува позитивни ефекти во насока на зголемена сообраќајна дисциплина и намалување на ризиците на патиштата.






