понеделник, 15 декември 2025

МВР предупредува: Лажни понуди за телефони на социјалните мрежи, станува збор за измама

Министерството за внатрешни работи ги предупреди граѓаните за нов бран на интернет измами кои се шират преку социјалните мрежи. Последните денови, на неколку платформи се појавиле лажни објави во кои се тврди дека некои компании за продажба на техника нудат модерни мобилни телефони по симболични цени, наводно поради оштетена амбалажа и преку т.н. „внатрешна програма“.

Објавено на

часот

Сподели

Според МВР, станува збор за класична интернет измама, чија цел е да ги натера корисниците да кликнат на сомнителни линкови или да остават лични податоци. Од Министерството апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да не наседнуваат на вакви објави, особено кога станува збор за понуди кои звучат предобро за да бидат вистинити.

„Не кликнувајте на линкови од непознати извори, не споделувајте лични информации и не потпаѓајте на емоционални приказни кои се користат како алатка за добивање доверба“, порачуваат од МВР.

Од таму нагласуваат дека реномирани компании не вршат продажба на телефони преку неофицијални страници или социјални мрежи, ниту имаат тајни програми за „специјални“ понуди.

Граѓаните кои ќе забележат вакви објави се повикуваат да ги пријават веднаш во најблиската полициска станица. Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе презема мерки и води постапки поврзани со ваквите интернет измами.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ