понеделник, 9 март 2026

МВР: Поднесени 21 кривична пријава за семејно насилство во последните две недели

Министерство за внатрешни работи во последните две недели поднело 21 кривична пријава за сторени вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои шест се поднесени по брза постапка. Во истиот период, на подрачјето на СВР Скопје се поднесени и пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три за кривичното дело „загрозување на сигурноста“, а две за „демнење“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од МВР, во овие случаи се изречени пет мерки притвор, како и една мерка претпазливост на подрачјето на СВР Скопје.

Најголем дел од кривичните дела поврзани со семејно насилство се однесуваат на загрозување на сигурноста – 11 случаи, како и 10 кривични дела „телесна повреда“. Регистрирани се и по едно кривично дело за тешка телесна повреда, неизвршување судска одлука, противправно лишување од слобода, обид за убиство и полов напад и силување.

Во однос на случајот за обид за убиство во Скопје од пред неколку дена, сторителот е лишен од слобода и се преземаат интензивни мерки за целосно документирање на настанот и поднесување соодветна кривична пријава.

Според податоците на МВР, по подрачја на секторите за внатрешни работи, пет кривични пријави се поднесени од СВР Скопје, две од СВР Куманово, три од СВР Штип, четири од СВР Охрид, пет од СВР Струмица, а по една кривична пријава поднеле СВР Тетово и СВР Велес.

Во наведениот период од две недели, на територијата на државата се пријавени 39 настани поврзани со кривични дела од семејно насилство, како и 63 поплаки во врска со семејно насилство.

Од МВР посочуваат дека во споредба со претходните неколку години, во 2025 година е забележан тренд на зголемување на бројот на изречени мерки „притвор“ во рамки на кривичните пријави по брза постапка, тренд кој продолжува и во 2026 година, особено по законските измени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ