петок, 5 декември 2025

МВР поднесе прекршочна пријава против Општина Струга и градоначалникот Ќура

Струшката полиција поднесе барање за поведување прекршочна постапка против Општина Струга, како и против градоначалникот Менди Ќура поради инцидентот за време на прославата на Денот на албанското знаме кога спротивно на Закон за употреба на знамињата на заедниците во Македонија, беше истакнато само албанското, но не и македонското знаме, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Објавено на

часот

Сподели

„Пријавените, како организатори на настан по повод Денот на албанското знаме, кој на 28.11.2025 се одржувал на улицата ‘Маршал Тито’ во Струга, покрај знамето на заедниците, ниту на бината ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не го истакнале и не го поставиле државното знаме на Македонија, што според закон биле обврзани да го направат“, се наведува во соопштението на МВР.

Според Законот за употреба на знамињата на заедниците во Македонија во општините  во кои живеат граѓани, припадници на заедницата и се мнозинство во таа општина доколку се истакне знамето на таа заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија.

„Тоа во случаи при меѓународни средби, натпревари и други собири (политчки, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири и при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифастации кои се од значење за заедницата на локалната самоуправа. Во случаите од ставот 1 на овој член, знамињата се истакнуваат истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпреварим собири, прослави, свечености и манифестации“, пишува во Законот за употреба на знамињата на заедниците во Македонија.

Што се однесува до прекршување на законот, предвидени се парични казни за општините односно нивните градоначалници.

„Со парична казна од 30.000 до 200.000 денари ќе се казни за прекршок правното лице кое постапува спротивно од членот 6 на овој закон. За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се казни со парична казна од 10.000 до 30.000 денари и одговорното лице во правното лице“, пишува во Законот за употреба на знамињата на заедниците во Македонија.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека му испратил порака на градоначалникот на Струга, Менди Ќура, изразувајќи длабоко разочарување поради тоа што на Денот на албанското знаме во оваа општина не било истакнато македонското знаме, покрај албанското.

„Лично му испратив порака на градоначалникот дека сум разочаран. Ме убедуваше дека така било секоја година, но не е така“, рече Мицкоски.

Според него, градоначалникот имал шанса да се истакне како натпартиски градоначалник, градоначалник на сите граѓани, но Ќура не го сторил тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ