недела, 14 декември 2025

МВР поднесе кривична пријава против двајца внуци на Али Ахмети

Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска поднело кривични пријави против вкупно девет лица, меѓу кои и Дрин Ахмети и неговиот брат кои се внуци на Али Ахмети. Врз основа на прибраните докази од страна на единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран криминал, две лица, кои биле директори на една иста кичевска фирма, но во различни периоди, се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. На останатите седум лица, сите вработени во државни институции, им се става на товар дека сториле несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

Двајцата браќа, кои се внуци од брат на Али Ахмети, се пријавени бидејќи директорувале со фирма која копала варовник во Кичевско, но не уплаќале пари во државниот буџет согласно концесискиот договор. Пријавени се уште седум други лица, од кои петмина вработени во Министерството за економија и двајца во Државниот инспекторат за техничка инспекција, бидејќи пропуштиле да спроведат должен надзор и да утврдат дека фирмата не си ги плаќа обврските.

„Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на Закон за минерaлни суровини и договорот за концесија за експлоатација на локалитет во општина Зајас, склучен меѓу правното лице и владата, претставувана од страна на тогашниот министер за економија. Истите биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1,6 милиони денари, при што предизвикале штета и на буџетот“, соопштија од МВР..

Пријави за несовесно работење има и за неколку вработени во Министерството за економија кои биле должни да вршат надзор на концесијата.

МВР соопшти дека дополнително, пријавените Д.А. и Б.А.  преку правното лице, користејќи ги придобивките од концесијата, која била активна и покрај прекршувањата на одредбите од Законот и самиот Договор, кој доколку бил навремено раскинат и не би можеле да го остварат, не би биле во можност да бидат избрани како носители на договори за јавни набавки во државните институции АД„ЕСМ“ во вкупен износ од 7.670.000 денари со вклучен ДДВ и договор за јавна набавка кај ЈКП„Водовод и канализација“ – Прилеп во вкупен износ од 944.000 денари со вклучен ДДВ.  Со тоа, пријавените Д.А. и Б.А. го сториле кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по чл. 353 од КЗ.

Пријавените Ф.Ч., Е.Љ., Ј.К., А.М., и К.Ш, во својство на службени лица во Министерство за економија, како што се наведува, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, кои согласно правилникот за систематизација на работните места во Министерството за економија биле должни да ги почитуваат.

„Пријавените пропуштиле да извршат должен надзор над реализација по основ на договор склучен помеѓу Владата на Р.С. Македонија претставувана од министерот за економија и правното лице од Кичево, односно договор за доделена концесија за ископ на градежно-технички камен ‘варовник’ и без да утврдат дека концесионерот не доставувал геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, предвидена во член од Законот за минерални суровини, како и дека не вршел исплата на концесиските надоместоци утврдено со склучениот договор, му овозможиле на правното лице да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи. Согласно горенаведеното, пријавените извршиле кривичното дело „несовесно работење во службата“ предвидено во членот 353-в од КЗ“, стои во соопштението.

Пријавените  Ф.А. и Ф.Р.  во својство на службено лице во Државен инспекторат за техничка инспекција, како што се наведува, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности,  при што над концесионерот од Кичево не извршиле надзор во согласност со чл. 100, 101, 102, 103 и 104 од Законот за минерални суровини (кои се во надлежност на Државниот инспекторат за техничка инспекција), при што во записник за инспекциски надзор не констатирале законски пропусти во однос на активната концесија за ископ на градежно-технички материјал „варовник“.

„Ф.А. и Ф.Р. пропуштиле да извршат должен надзор и во записникот од извршен надзор не констатирале дека концесионерот во моментот не ги исполнувал законските обврски согласно чл. 62, ст.1, ст.2, ст.3, ст.4, и ст.6, чл.64 ст.3, чл. 66, чл.78, чл. 79 и чл.104 од Законот за минерални суровини, при што не му изрекле мерка за прекршок и му овозможиле на правното лице да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи, со што го извршиле кривичното дело „несовесно работење во службата“ предвидено во членот 353-в од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, а со тоа нанеле штета на Буџетот“н се вели во соопштението.

Од МВР посочуваат дека пријавените извршиле службени дејствија кои што не смееле да ги извршат, односно сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 и „несовесно работење во службата“ предвидено во членот 353-в од КЗ на РСМ, , при што предизвикале штета и на Буџетот на Северна Македонија во вкупен износ од 1.671.894 денари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ