Од МВР додаваат дека постојано работат на унапредување на стандардот на полициските службеници, унапредување на работните услови и враќање на достоинството на полициската професија.
„Постојано сме во разговори со сите полициски синдикати и заедно се предлагаат и прифаќаат решенија за унапредување на статусот и условите на полициските службеници. Такви идеи и предлози веќе сме имплементирале во Колективниот договор меѓу МВР и Синдикатот и полициските службеници ги користат имплементираните придобивки и подобрувања.
Дијалогот со сите синдикати ќе продолжи и заедно ќе изнаоѓаме решенија што ќе бидат во насока на подобрување на статусот на сите полициски службеници“, соопшти МВР.
Независниот синдикат на полицијата денеска одржа протест во Скопје на кој беше побарано да се почитува Законот за минимална плата и основната плата во полицијата да биде најмалку колку минималната плата. Се бара и воедначување на судската пракса на целата територија на државата и спроведување на судските постапки во законски предвидените рокови.