Министерството за внатрешни работи распиша конкурс за прием на униформирани полициски службеници кои ќе имаат едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.
„Обучувачите и менторите кои се квалификувани експерти во своите области, ќе бидат секојдневно со тебе додека ги усвојуваш правните и другите теориски знаења, полициското делување и тактики и сите други практики со кои изобилува полициската обука. Обуката се одвива во Центарот за обука на министерството за внатрешни работи кој се стреми да биде еден од најдобрите и најелитни центри за обука во Европа. Центарот кој е со стекнати меѓународни акредитации ќе те подготви максимално професионално да ја извршуваш полициската професија. Преку следење на современите трендови, центарот постојано се унапредува за врвна професионална едукација и специјализации на вработените во безбедносните структури, со имплементација на најдобрите практики и меѓународни искуства од врвните европски и светски полициско безбедносни стандарди. Овде е вистинското место за сите млади и амбициозни луѓе со желба за личен професионален развој и напредок. Затоа, пријави се и ти на огласот за нови полициски службеници. Биди полицаец. Успехот секогаш зависи само од тебе. Оствари го својот сон. Биди заштитник на семејството, најблиските, граѓаните и татковината. Биди борец против криминалот и чувар на редот. Биди дел од македонската полиција! Биди полицаец!“, се наведува во огласот на МВР.
Покрај општите услови, за да бидат примени во школата кандидатите не смеат да бидат членови на партија, ќе треба да ја покажат својата психо-физичка подготвеност, а ќе треба да ја поминат и задолжителната безбедносна проверка.






