Министерството за внатрешни работи информира за сообраќајните прекршоци што се санкционираат преку системот „Безбеден град“ и за глобите за разни видови прекршоци.
„За пречекорување на брзината на движење во населено место (дозволена брзина до 50 километри (км) на час, по исклучок до 70 км на час со знак) до 10 км на час над дозволеното – 15 евра, од 10 до 30 км на час над дозволеното – 50 евра
од 30 до 50 km на час над дозволеното – 300 евра и забрана за управување возило од три до 12 месеци. За пречекорување на брзината надвор од населено место (130 км на час на автопат, 110 км на час на пат за моторни возила, 90 км на час на други патишта, до 30 км на час над дозволеното – 20 евра, од 30 до 50 км на час над дозволеното – 50 евра, од 50 до 70 км на час над дозволеното – 300 евра и забрана за управување возило од три до 12 месеци. За поминување на црвено светло, глобата е 250 евра и забрана за управување од три до 12 месеци. За непрописно запирање и паркирање (пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари, автобуски постојки и други критични локации) во зависност од видот и тежината на прекршокот глобите се од 25, 40,150 и 180 евра. За учество во сообраќај со нерегистрирано возило (без важечка сообраќајна дозвола или без регистарски таблици) глобата е 500 евра. Ако истекот на сообраќајната дозвола е до 30 дена, глобата е 100 евра“, информираа од МВР.
Оттаму велат дека глобите може да бидат и намалени во зависност од тоа кога истите ќе бидат платени.
„За намалување на износот на глобите, ако плаќањето е во рок од осум дена, се плаќа 50 проценти од глобата, ако има и забрана за управување, се изрекува во половина од пропишаниот рок. МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите заради поголема лична и општа безбедност и за намалување на сообраќајните несреќи“, пишува во соопштението на МВР.
Во меѓувреме градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одржаа координативен состанок со стручни тимови од областа на сообраќајот посветен на финалните подготовки за официјалното пуштање во работа на системот „Безбеден град“, соопштија од Град Скопје.
На состанокот било истакнато дека Градот Скопје ќе има клучна улога во неговата имплементација, со цел унапредување на редот, дисциплината и безбедноста во сообраќајот.
Од Градот информираат дека воведувањето на системот „Безбеден град“ претставува значајна промена во управувањето со градскиот сообраќај, со примена на паметни, адаптивни и технолошки напредни решенија кои ќе овозможат регулирање на протокот на возила во реално време, намалување на метежите и подобрување на безбедноста.
Во наредниот период, Советот на Град Скопје треба да усвои низа одлуки поврзани со дистрибуцијата и организацијата на сообраќајот, особено во централното градско подрачје.






