Трагедијата се случи на 16 март 2024 година, по што веднаш следниот ден, на 17 март 2024, Одделот за внатрешна контрола се вклучи во истражната постапка.
„Беа формирани неколку истражни тимови, секој со прецизни задачи – од проверка на согласности издадени од МВР за работењето на дискотеката Пулс, преку анализа на претходно пријавени прекршоци и работењето на ОВР Кочани, до увид во последните три контроли на угостителски објекти, вклучително и објектот Пулс. Во координација и под постојан надзор на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во периодот март – април 2025 година беа преземани опсежни дејствија. Проверени беа сите аспекти од контролниот план, процедурите за постапување, ангажманите на полициски службеници, како и сите службени брифинзи. Разговори се водеа со полициски службеници кои ги изготвувале и одобрувале плановите за постапување, беа одземени мобилни уреди и извршена форензичка анализа, а беа анализирани и базни станици за утврдување на комуникациските активности. За секој чекор, јавниот обвинител беше детално информиран“, велат извори од МВР за МКД.
Покрај активностите на МВР, обвинителот, согласно своите надлежности, преземал и самостојни истражни дејствија, вклучително и повикување на сведоци и други лица поврзани со случајот.
Според достапните информации, целата постапка од страна на МВР е завршена уште пред 30 дена, со што сега останува прашањето дали обвинителството постапува посветено или, пак, тактизира, одговор што може да го даде самото обвинителство или судската постапка која следи.
Истражните активности во случајот Пулс се издвојуваат како најбрзо завршена истрага со ваков обем и број на инволвирани полициски службеници во историјата на независна Македонија. Во рок од само 90 дена, беа поднесени кривични пријави против повеќе од 70 лица, без калкулации околу нивниот статус, функција или раководна позиција.
Оваа постапка поставува нов стандард на ефикасност, транспарентност и институционална координација, која досега ретко или никогаш не била видена. Брзината, обемот и сложеноста на истрагата го прават случајот Пулс пример за високо ниво на професионализам и решителност за справување со корупцијата, без разлика дали таа припаѓа на минатото или сегашноста.