Како што информира Министерството за европски прашања (МЕП), на средбата станало збор за модалитетите за зајакнување на соработката меѓу МЕП и СГАЕ преку изнаоѓање нови механизми и инструменти за поддршка на евроинтегративниот процес на Македонија, како и за примената на најдобрите европски административни практики и искуства стекнати во рамки на францускиот модел на меѓуресорска координација, како своевиден пандан на координативната улога што Министерството за европски прашања ја има во земјата, во контекст на евроинтеграциите.
Муртезани и Жовен констатираа дека експертизата и методологијата што СГАЕ ја применува во доменот на усогласување и подготовка на национални позиции, може да претставува корисна референтна точка за македонските институции во периодот на скрининг и преговарање, особено во поглед на управувањето со сложени реформи и обезбедувањето на стабилност и конзистентност во националната политика кон Европската Унија.
Жовен ја презентираше улогата на секретаријатот во процесот на формулирање и одбрана на француските интереси во рамките на Советот на Европската Унија, како и значењето на експертиза од линиските министерства за ефикасна имплементација на европските директиви.
Муртезани истакна дека Македонија веќе има воспоставено механизми за стратешка координација на европските прашања, но во наредната фаза од пристапните преговори ќе биде од исклучително значење да се обезбеди понатамошен трансфер на знаење, пристап до добри практики и техничка поддршка од партнерите како што е Франција.
Се разговараше и за досегашното искуство со програмата „Експертиз Франс“ (Expertise France) и долгогодишната поддршка во изградбата на институционални капацитети, како и улогата на обуките преку програмата „Формасион административ супериор“ (Formacion Administrative Superior – FASP) во развојот на човечки ресурси подготвени да одговорат на барањата на европското законодавство. Воедно, Муртезани и Жовен разменија мислења за потребата од унапредување на развојната соработка, особено преку мобилизирање на финансиски инструменти и грантови достапни преку Француската агенција за развој (AFD), ПРОПАРКО (PROPARKO) и Експертиз Франс , како и во согласност со билатералниот договор склучен меѓу двете влади во 2021 година.
Министерот Муртезани го поздрави фактот што Македонија останува стратешки партнер и во новата долгорочна Стратегија за развојна соработка на Франција за периодот 2025-2030, со која се продолжуваат и надградуваат активностите започнати во рамки на Евроазиската стратегија 2020 – 2024. Овој континуиран ангажман отвора нови перспективи за соработка во области како што се енергетската транзиција, управувањето со јавни ресурси, климатските политики и иновативното управување на локално и регионално ниво. Жовен и Муртезани се согласија дека е неопходно да се продолжи институционалната размена и заедничката работа преку европските инструменти TAIEX и TWINNING, како и преку обуки по француски јазик и специфични проекти за јакнење на административната отпорност.
Муртезани и Жовен констатираа дека продлабочувањето на техничката и административната соработка останува стратешки предуслов за градење стабилна институционална основа и ефикасна подготвеност на Македонија за претстојните европски предизвици. Во рамки на работната посета на Француската Република, министерот Муртезани ќе има дополнителни разговори со раководствата на Француската агенција за развој и Експертиз Франс, со цел отворање на нови канали за финансиска и експертска поддршка на нашите реформски и евроинтегративни процеси.