Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од македонското собрание, беше посветен на односите меѓу земјава и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда.
Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија.
Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.






