вторник, 6 мај 2025

Муртезани: Процесот на уставни измени сепак ќе биде побавен од шест месеци

Во Брисел има многу голема посветеност и внимание за поддршка во однос на изнаоѓање решение, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани во врска со блокадата на евроинтеграцискиот процес на државава кој зависи од измени на Уставот односно внесување на Бугарите во него. Во врска со случувањата во коалицијата Вреди, Муртезани рече дека ако лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари јавно кокетира со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тоа не го крие, го доведува во прашање целото функционирање на Владата. Ова создава загриженост и треба да се расчисти, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања и претставник на коалицијата Вреди (Влен) од партијата Алтернатива.

Објавено на

часот

Сподели

Во однос на досега неисполнетата заложба на коалицијата Вреди  дека за  шест месеци по формирањето на Владата ќе се случат уставните измени и немањето поинтензивна комуникација со новата Влада во Бугарија, Муртезани рече дека „тој процес, сепак, ќе биде побавен од шест месеци“, нагласувајќи притоа дека „немаме таков луксуз да останеме во чекалната“.

„Не дека нема обиди за воспоставување контакти, но имајќи ги предвид нашите позиции и немањето никаква доверба, не е ни така лесно директно воспоставување на контактите. Не дека нема обиди, не дека нема комуникација, дури и со посредство на Европската комисија, но тој процес, сепак, ќе биде малку побавен од тоа кога сме барале време од шест месеци“, изјави Муртезани во интервју за Телма.

Како што рече, секојдневно се занимаваат со процесот на евроинтеграцијата и дека „технички сме многу поинформирани околу сите потенцијални решенија“.

За протоколите од меѓувладините седници рече дека се обврзувачки документи и оти токму поради тоа процесот мора да е многу повнимателен зашто, рече, ако се што стои во протоколот ние го прифаќаме, „тогаш не знам какви ќе бидат позициите и каква ќе биде реакцијата на граѓаните“.

„Бидејќи реакцијата на граѓаните на таквиот начин на водење на преговори беше јасна порака и на последните парламентарни избори. Тоа што ние треба да направиме е посветено секој ден да работиме на имплементација на реформите бидејќи само така даваме сигнал дека сме сериозно заинтересирани и цело време да инсистираме за наоѓање брзо решение за да го искористиме моментот. Гледаме колку брзо се движи Албанија. Тоа што се случува со Албанија  кај нас може да биде дури и трипати побрза динамиката на одење напред“, истакна министерот за европски прашања.

Во врска со случувањата во коалицијата Вреди, Муртезани рече дека ако лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари јавно кокетира со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тоа не го крие, го доведува во прашање целото функционирање на Владата.

„Ова создава загриженост и треба да се расчисти“, изјави Муртезани.

Муртезани рече дека кога ја формирале коалицијата Вреди, главната премиса им била „да се создаде антипод на Демократската унија за интеграција кој требаше да се бори против режимот инсталиран од ДУИ со криминал и корупција“.

„По пат, еден од нашите партнери во коалицијата го смени приоритетот и почна да смета дека не е толку битно борбата против криминалот и корупцијата туку колкав број општини ќе добие на Локалните избори и на тој начин ја тргна бариерата да не се кокетира и комуницира со ДУИ, туку почна да гледа и соработник во ДУИ“, истакна Муртезани.

Според него, изјавата на Арбен Таравари дека Владата не испорачувала доволно е само „барање алиби за да соработува со ДУИ“, а изјавата дека „Гостивар е тешко победлива општина со Вреди“, како што рече, значи дека може да ја освои со ДУИ.

„Во тоа е суштината. Се открива планот за одење во скутот на Ахмети, а тоа го прави со обвинување на довчерашните партнери. За да има алиби, мора да ја напаѓа коалицијата и Владата, а со тоа се напаѓа и себеси. Несериозни се обвинувањата дека не испорачува доволно, а да биде дел од Владата. Ако смета дека тој сам не вложува доволно, нека оди во опозиција. Нема логика ако опцијата е да оди со ДУИ „за да ги бива“, рече Муртезани.

Соопшти дека на Таравари му биле понудени 40 отсто градоначалнички места, а останатите 60 отсто за останатите три партии во коалицијата Вреди.

„Имаше доволно голема и солидна поделба, но изгледа се имал договорено со Али Ахмети“, рече Муртезани и додаде дека Таравари инсистирал  на посебни, а не на заеднички листи и оти со тоа се видело „дека тоа му носи вода на ДУИ“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ