Во обраќањето на форумот, Муртезани нагласи дека на сите овие заложби земјава не гледа како на обврски, туку како на принципи на вистинска инклузивна и демократска Европа, во која што дијалогот ги обликува политиките.
„Секако дека не е лесно да се чека 20 години и во поголемиот дел од тој период како предводник во европската интеграција, но секако случајот со Северна Македонија е најдобриот пример за отпорност и упорност во постигнувањето на нашата крајна цел“, рече Муртезани.
Тој додаде дека и во вакви услови, по 20 години чекање, во земјава се уште има 65 до 70 отсто поддршка за европската интеграција, што покажува дека македонските граѓани се уште се убедени дека нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.
„Како што знаете, Западниот Балкан дури и географски е дел од Европа и можам да кажам заден двор на Европа, кој е подеднакво важен како и предниот двор, бидејќи и претходно видовме дека тој може многу лесно да се користи за ризични геополитички експерименти“, рече Муртезани.
Според него, доколку граѓаните не видат опипливи резултати во пристапниот процес, ќе станува се потешко да се зголеми нивната поддршка за членство, па затоа е потребно нивно информирање за придобивките од проширувањето уште пред зачленувањето.
„Една од лекциите што ги научивме во нашата интеграција е дека реформите дефинитивно стануваат поодржливи ако имате чувство за заедничка цел“, рече Муртезани.
Тој додаде дека на Европската Унија гледа како на жива приказна, кој носи надеж за младите генерации и дека нејзиното проширување не е само географија и политика, туку и можност за остварување на соништата, заедничките амбиции и нашата колективна цел.
Муртезани нагласи дека во земјава се сфаќа улогата на граѓанското општество во процесот на проширување, како и дека социјалниот дијалог не е само механизам за поддршка, туку е темел на целата демократија.
Потенцира дека Владата воспостави структурни партнерства со многу граѓански организации за да го направи пристапниот процес потранспарентен и инклузивен, како и дека многу невладини организации се дел од Комитетот за следење на спроведувањето на Планот за раст,
„Неодамна нашата Влада усвои посветена стратегија за соработка и развој, за да покажеме дека граѓанското општество е опфатено со принципите на инклузивност, одговорност и отвореност. Неговата визија е апсолутно јасна – професионален и независен граѓански сектор целосно интегриран како партнер во креирањето политики, сектор кој ги одразува аспирациите на општеството и ги одразува интересите на граѓаните“, истакна Муртезани.
Тој уште кажа дека дијалогот, граѓанското општеството и младите не се само привилегија, туку тие се суштински столбови на демократска Европа во процесот на проширувањето.
„Северна Македонија е подготвена да продолжи да чекори по европскиот пат во ваквиот дух и со обновена национална решителност. Денешните дебати уште еднаш ја потврдија очигледната, но често занемарена вистина дека процесот на проширување не е геополитичка алатка, туку морална посветеност. Посветеност кон демократијата, дијалогот и достоинството на секој европски граѓанин, без оглед на границите, историјата или јазикот што го зборува“, рече Муртезани на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК), Оливер Ропке и црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ.
Муртезани нагласи дека во пристапниот процес земјава мина долг пат обележан со истрајност, реформи и со непоколебливо уверување дека Европската Унија, пред се, е Унија на вредности, но дека сепак има и моменти кога се потсетуваме оти принципите мора да се бранат подеднакво решително, како и границите.
„Проширувањето не смее да стане заложник на идентитетски политики, туку мора доследно да се придржува до Копенхашките критериуми – јасни, фер и применливи за сите. Ќе продолжиме да го даваме нашиот придонес преку спроведувањето реформи, градењето институции и негувањето на социјалниот дијалог. Истовремено, цврсто сме уверени дека Европската Унија за која веруваме дека е изградена врз правда, почит и инклузија, исто така ќе продолжи да дава свој придонес кон нашата заедничка европска иднина“, истакна Муртезани.
Во однос на Планот за раст на Западниот Балкан, Муртезани нагласи дека тој е инструмент што треба да им помогне на земјите кандидати за членство да ја постигнат крајна цел – полноправно членство во Европската Унија, но исто така помага не само во борбата против евроскептицизмот, туку и им овозможува на граѓаните на овие држави да почувствуваат некои придобивки што претходно беа предвидени исклучиво за граѓаните на членките на Европската Унија.
„Мислам дека тоа ќе претставува дополнителна поддршка и политички капитал за европската интеграција. Само би сакал да додадам дека постепената интеграција е важна, но никогаш не може да биде замена за полноправно членство“, рече Муртезани.
Ропке, од своја страна нагласи дека проширувањето на ЕУ не е само геополитичка стратегија, туку демократско ветување и тоа мора да го поттикне учеството на младите во граѓанскиот сектор и во вистинскиот дијалог.
„Денес имавме јасна посветеност од нашите партнери од Црна Гора, Северна Македонија и другите и тоа не се само политички сигнали, туку се и морални и социјални обврски. Ако овој процес сака да го задржи кредибилитетот, тој мора да биде фер, базиран на заслуги и предвидлив“, рече Ропке.
Тој нагласи дека Комитетот ја поддржува целта на Црна Гора да се приклучи кон ЕУ до 2028 година и се надева дека тоа ќе го сторат и Албанија и Македонија до почетокот на следната деценија.
Ропке истакна дека денешниот форум не е само формална дебата, туку и обид да се даде отворен и инклузивен пристап кон процес на проширување, со активно вклучување на граѓанско општество во него и со силен социјален дијалог.
„Убедени сме дека за пристапувањето не може да се преговара само зад затворени врати, туку мора да бидат вклучени и оние кои го носат темпото на реформите – граѓанското општество, социјалните партнери, а особено помладата генерација“, рече Ропке.
Тој нагласи дека токму затоа ЕЕСК решил да го вклучи организираното граѓанско општество од земјите кандидати за членство во обликувањето на неговите мислења заедно со претставници на државите членки на ЕУ, затоа што целта на Комитетот не е да зборува со кандидатите, туку да соработува со нив.
Според Ропке, проширување не може да се оствари без одржлива, соодветна и целна финансиска поддршка за пристапниот процес, затоа во тој контекст добар сигнал е што со предлогот за следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година се предвидува пристап на кандидатите за членство до целиот пакет алатки на инструментот „Глобална Европа“.
Министерката Горчевиќ истакна дека пристапувањето на Црна Гора кон Европскиот економско- социјален комитет во февруари 2024 година претставувало значајна пресвртница на нејзиниот европски пат, бидејќи не само што ја продлабочи соработката, туку ја потврди и посветеноста на инклузивно креирање политики и промоција на заедничките европски вредности.
Таа додаде дека верува оти социјалниот дијалог со граѓанското општество и ангажманот на младите се столбовите на отпорна и демократска Европа, па затоа Црна Гора презела напори за активно учество на цивилниот сектор во преговорите за членство во ЕУ.
„Црна Гора пристапува кон процесот на проширување со сериозност, материјална зрелост и решителност, со отворени сите преговарачки поглавја и седум веќе затворени, со јасна цел да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да оствари полноправно членство до 2028 година. Остануваме цврсто водени од принципот на заслуги и од заедничката визија за обединета, мирна и просперитетна Европа“, истакна Горчевиќ.
Муртезани се заблагодари на организаторот на собирот, Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и посебно на неговиот претседател Оливер Ропке затоа што ова е првата институција на ЕУ која ги вклучи и кандидатите за членство, како многу важен чекор кон нивната постепената интеграција во Унијата.






