недела, 13 јули 2025

Муртезани: Финансирањето на енергетската транзиција бара стратешки пристап и заедничка визија

Динамичните геополитички случувања ја засилија неопходноста Северна Македонија да го забрза преминот кон обновливи извори на енергија и поголема енергетска независност. Земјата останува активен и посветен партнер во регионалниот процес на енергетска трансформација. Преку визионерски пристап, усогласена регулаторна рамка и силни меѓународни партнерства, не само што одговара на глобалните предизвици, туку и активно придонесува за нивното обликување, рече денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Објавено на

часот

Сподели

На панелот „Финансирање на енергетските амбиции“ што се одржа во рамки на Форумот за мапирање на енергетската иднина на Западен Балкан (MEF-WB Energy Forum 2025), Муртезани потенцира дека Владата го ревидираше Националниот енергетски и климатски план за негово целосно усогласување со Европскиот зелен договор и Договорот за енергетска заедница. Истовремено, дополни, се мобилизираа сите достапни инструменти за финансирање, како Инвестициската рамка за Западен Балкан и ИПА III.

Во овој контекст, министерот го нагласи значењето на регионалната интеграција, заедничките инфраструктурни проекти и флексибилните модели на финансирање како предуслов за одржлива транзиција.

На прашањето за приоритетните сектори и инвестиции, тој истакна четири главни области: производство на обновлива енергија, модернизација на електропреносната мрежа, енергетска ефикасност и електрификација на транспортот.

„Во овие области Владата активно спроведува иницијативи кои имаат за цел не само да ја забрзаат транзицијата кон зелени извори на енергија, туку и да обезбедат одржлива енергетска инфраструктура, подобар урбан транспорт и подобрување на енергетските перформанси на јавните објекти. Акцентот е ставен на решенија што се долгорочно одржливи, општествено инклузивни и усогласени со европските и регионалните цели“, потенцираше Муртезани.

Форумот за мапирање на енергетската иднина на Западен Балкан има зе цел преку заедничкиот ангажман да се премине од идеи кон реални инвестиции, кои ќе донесат почиста, побезбедна и поконкурентна енергетска иднина за целиот регион. Овој регионален настан се одржува осма година по ред и претставува платформа за продлабочена соработка меѓу земјите од регионот и заеднички пристапи кон забрзана зелена транзиција и целосна декарбонизација до 2050 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ