понеделник, 15 декември 2025

Муртезани – Бирн: Процесот на пристапување кон ЕУ мора да има крај

Процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ треба да има крај рече министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања и одбрана на Ирска, Томас Бирн, одговарајќи на прашањето до кога македонската влада ќе чека одговор од Бугарија во однос на заедничка резолуција за македонскиот јазик и идентитет во Европскиот парламент и ставот на Софија и изгласаните декларации во бугарското собрание.

Објавено на

часот

Сподели

Муртезани кажа дека е застапник на идејата дека мора да се градат заеднички позиции како соседи и да се почитуваат Копенхашките критериуми, каде што првиот услов се токму добрососедските односи.

„Јас сум застапник на идејата дека резолуциите или внатрешните политички прилики не треба да се градат против соседите или против некого. Ние мора да градиме заеднички позиции како соседи, бидејќи цело време се повикуваме на Копенхашките критериуми, Првиот услов согласно Копенхашките критериуми се добрососедските односи, и за нас и за Бугарија. Ова што ние го правиме последните неколку месеца, сите посети на министрите за европски прашања, министрите за надворешни работи, е да апелираме на сите тие наши грижи, не да спремаме терен за репреговарање на тоа што е преговарано. Меѓутоа, на некој начин да најдеме начин, како што и министерот Бирн спомна, нашиот процес да има крај“, рече Муртезани.

Бирн, пак одговарајќи на прашањето и какви чекори за дијалог со официјална Софија може да се очекуваат понатаму и какви гаранции може да очекува Македонија од ЕУ во однос на процесот на преговарање со ЕУ, рече дека патот на земјава кон ЕУ е мачен, но додаде дека ќе работи секојдневно за да се олесни процесот.

„Навистина го ценам фактот дека патот на Македонија кон ЕУ е мачен. Тука бев пред три години по францускиот предлог и договор и сметаме дека тоа треба да се спроведе, така ќе се отвори преговарачкиот процес. Не можам да давам никакви гаранции во животот, освен тоа дека ќе работам секојдневно за да го олеснам вашето пристапување врз основа на заслуги во ЕУ. Така ќе прават и сите други земји-членки на ЕУ. И ние цврсто веруваме дека договорот којшто беше направен пред три години кога ќе биде имплементиран од ваша, од македонска страна, со тоа ќе се отвори преговарачкиот процес. Нема друг изговор според мене, така ќе се отворат преговорите мора да се отворат преговорите. Македонскиот јазик е признаен од ЕУ, договорот Фронтекс е составен на македонски јазик. Албанија ќе се приклучи кон ЕУ, така што македонскиот и албанскиот јазик ќе го имаат истиот статус како францускиот и германскиот, исто како мојот ирски, галски јазик можам да зборувам во ЕУ на тој јазик. И кога вие ќе бидете членови на ЕУ немам сомнеж дека ќе можете да зборувате македонски или албански или англиски или француски“, рече Бирн.

Тој истакна дека на таа маса сите го имаат истиот статус, сите можат да зборуваат на мајчин јазик, да ја изразат сопствената култура.

„Тоа е ветувањето на ЕУ, на земјите како нас им дава можност за подобро да се изразат, да ја изразат својата култура, својот јазик и ние како Ирска и како претседателство ќе работиме кон тоа, договорите да се спроведуваат и да се почитуваат и да се добијат придобивките од нив“, рече Бирн.

Бирн, чија земја го презема претседавањето со Советот на ЕУ во втората половина на следната година, нагласи дека членството во ЕУ ја трансформирало Ирска на економски и социјален план и ѝ донело просперитет. Тој додаде дека за време на претседавањето на Ирска со ЕУ проширувањето ќе биде навистина мошне битен приоритет.

Тој истакна оти е свесен дека нашиот пат кон членството е навистина долг, мачен и можеби изгледа како да нема крај.

„Но ние мораме да го доведеме до крајот, мора да го доведеме до еден позитивен исход. И навистина се надевам дека ќе можеме да работиме со вас, билатерално, но и со колегите од ЕУ, во текот на нашето претседателство, за да дојдеме до вистинските чекори во тој процес, за луѓето од кај вас да кажат дека да ова е тука, ова го имаме пред нас и ние како народ сакаме да ги искористиме придобивките од сето тоа. Не само за луѓето од оваа земја, туку за луѓето од сите земји-членки, затоа што и тие ќе имаат корист од вашето членство“, порача ирскиот министер.

Тој нагласи дека ги поддржуваат амбициите на земјава и ќе ја понудат секоја помош во тој процес со цел да се осигура да биде правичен и заснован на заслуги.

Бирн нагласи дека двете земји имаат одлични билатерални односи и соработка на високо ниво изминатите години.

Министерот Муртезани посочи дека денешната средба е природно продолжение на разговорите што ги воделе пред речиси еден месец во Даблин, кои, како што посочи, биле разговори водени во духот на партнерството, разбирањето и силна заедничка определба за обединета иднина на Европа.

„Нашите заеднички ставови и пораки остануваат исти. Проширување на ЕУ е прашање на заедничка безбедност, стабилност и визија. Не постои стабилна Европа без интеграција на Западен Балкан, не постои вистинска Унија без обединета политика кон соседството“, рече Муртезани и додаде дека земјава останува посветена на овој пат со реформи, со конкретни резултати, и со отворен дијалог.

Тој изрази уверување дека секоја земја-кандидат треба да се вреднува врз основа на своите заслуги, а не да биде заложник на билатерални прашања и политички блокади.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ