вторник, 6 јануари 2026

Муралите се новата туристичка атракција во Битола

Јавната уметност изразена преку муралното сликарство, урбан мотив нацртан на ѕид е нова туристичка атракција во Битола и со отворената поддршка на локалната самоуправа за уметниците од градот, државата и странство.

Објавено на

часот

Сподели

Цртањето на голема ѕидна површина во Битола датира од 1978 година кога во центарот на градот беше изработен муралот „Илинденско востание“, дело на ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски (1935-2021), а најновиот мурал беше промовиран кон крајот на минатата година, дело на младиот австралиски уметник Финтан Скот Меги, пишува МИА.

Муралот „Илинденско востание“ е изработен од ликовната секција на општинското основно училиште ООУ „Кирил и Методиј“, раководена од ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски. На муралот со илинденци, прикажана е борбата на македонскиот народ презентирана на ѕид кој сеуште одолева на забот на времето, и не се предава. Муралот „Илинденско востание“ се наоѓа на улицата „Димитар Илиевски Мурато“, наспроти битолскиот театар, а од другата страна на центарот на градот, на зграда што се наоѓа на аголот од улиците „11-ти Март“ и „Филип Втори Македонски“, во непосредна близина на здравствен дом „Д-р Хаим Абраванел“ има мурал, подарок од амбасадата на Австралија.

„На муралот се истакнати препознатливи македонски и австралиски симболи, цветови, објекти, предмети и секако австралискиот пасош. Се што е прикажанио на муралот е одраз на пријателските односи меѓу двата народа и на приказните кои што сум ги слушал од луѓето во двете држави“, истакна Финтан Скот Меги за својот прв мурал во Македонија.

Тој е задоволен од приемот на својот домаќин, градоначалникот Тони Коњановски кој пак потсети дека муралот го промовира пријателството и јубилејот 30 години билатерални односи меѓу Австралија и Македонија, но и цврстите врски изразени преку огромната македонска дијаспора која секоја година се враќа во татковината.

„Муралите се добра идеја и ќе продолжиме со мурали да го разубавуваме градот“, потврди градоначалникот Коњановски.

Добрите графити и мурали придонесуваат за градот на неколку начини, пред се туризам, а имаат и економска вредност. Уникатните улични уметнички дела можат да станат туристички атракции, привлекувајќи посетители и генерирајќи економска активност, вели битолчанката Љубица Мешкова Солак, визуелен уметник.

„Значајноста на добри графити и мурали во еден град е од исклучителна важност и за град како Битола кој во последните години се истакнува со мурали кои ги красат фасадите на зградите, често со поддршка од Општината или во рамки на културни проекти од меѓународна соработка, за што Градот привлекува и меѓународни уметници. Неодамна, во центарот на Битола беше завршен впечатлив мурал од австралискиот уметник Финтан Меги, кој го одбележа долгогодишното пријателство и културните врски меѓу Македонија и Австралија. Ако зборуваме за мурали и графити кои се ликовно, естетски, квалитетно решени со одредена цел тогаш ќе го споменам Муралот во битолската Пошта, изработен од големиот Борко Лазески и муралот во Општината изработен од Ателје Солак во чест на францускиот уметник Жан Пејрисак (1895-1974)“, посочи Мешковска Солак.

Муралот „На бреговите на Драгор во Монастир“ е во административната зграда, пред кабинетот на градоначалникот на Општина Битола. Станува збор за живописен мурал, репродукција на дело, гваш, на францускиот сликар Жан Пејрисак, проект кој со посредство на уметноста, повторно ја потврди цврстата македонско-француска врска.

„Пејрисак е француски современ уметник близок до Пикасо, познат по своите геомериски композиции, играта со форми и светлина и истражувањето на синтезата на уметностите. Изборот на неговото дело за украсување во општината не е случаен. Тој на својата млада возраст како војник на Француската армија во 1917 година бил испратен на Источниот фронт и го искористил својот почетнички несомнен уметнички талент во своите бројни цртежи трајно да ги забележи карактеристиките на ова наше поднебје. На муралот е мноштвото луѓе на живописните пазари, нивната облека, нивните движења… градот Битола во своето мултикултурно минато длабоко обележани од историски аспект со дипломатско и европско, но и ориентално присуство“, потсети почесниот француски конзул во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, која иницијативата за муралот ја доби од Стефани Пејрисак, внука на уметникот, но и позната париска галеристка и историчарка на уметноста.

Со нејзино залагање и посредство, Француската Амбасада, Францускиот институт од Скопје и Општина Битола овозможија и денес живописниот мурал не само што ги краси ѕидовите на општината, туку да е и вистински „хотспот“ за посетителите, делегациите и сите што ја посетуваат Општина Битола.

„Овој мурал не е само украс, туку и своевидна почит кон француската уметничка креативност и потврда за француско-македонското пријатлество“, нагласи Кривашија-Стилиновиќ.

Муралите, тие ѕидни слики изработени од ликовни уметници, мајстори на својот занает и знаење, ги има на повеќе локации во градот. Со децении и исто толку време љубопитно се набљудува муралот „Битола, бабам Битола“ во битолската Пошта, а исто толку време се чува и муралот посветен на нуката и образованието, но и на патронот Свети Климент, во истоимената универзитетска библиотека во Битола.

Дека градот има полза од уметничките дела на уметниците кои изработуваат мурали, потврда се муралите „Будење“ во старата битолска чаршија, „Размислувај розово“ во Нова Битола, муралот поветен на Петре М. Андреевски во гимназијата „Јосип Броз Тито“, муралот посветен на Горан Стефановски во битолската библиотека, како и муралот посветен на еден од најмаркантните современи македонски сликари Борислав Траиковски кој уметниците Дијана Колонџовска и Ленче К. Јагоридовска го нацртаа на фасадниот ѕид од средното општински училиште „Таки Даскало“ во Битола.

Муралите ја нагласуваат традицијата на големи јавни уметнички дела во Битола, кои не се само декорација, туку имаат длабоки историски и културни пораки. Бенефитот и добробитот од добри, квалитетни мурали и графити за Битола е од исклучителна важност и како автор апелирам до сите кои навистина го сакат овој град, сите кои би можеле да се вклучат кон естетско и уметничко оплеменување, да создадеме една убава улична галерија со убави и квалитетни пораки и да ги презентираме како што доликува и заслужува еден град, ни предочи Мешкова Солак.

Набројувањето на муралите на јавен простор во Битола може да продолжи, но неможе да се избројат и малите домашни мурали кои се чест декор во семејните куќи, најчесто во детски соби во кои има изобилство од фантазија и претставуваат мали ремек дела на големите мајстори на муралот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ