Конференцијата беше посветена на стандардите за животна средина, општествени прашања и корпоративно управување (ЕСГ), организирана од Американските стопански комори (АмЧам) од Северна Македонија и Србија, во соработка со АмЧам Албанија и Косово, а со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и кофинансирање од Европската Унија.
Во својство на член на бордот на директори на Американската стопанска комора, Мукаетов потенцираше дека иако општествената одговорност на компаниите (ЦСР) често се смета за правилната работа што треба да се направи, според него, ЕСГ сè повеќе се препознава како паметен пристап, особено во контекст на глобалните предизвици и стремежот кон долгорочна резилиентност и одржливост на бизнисите.
Значењето на ЕСГ-пристапот за градење долгорочна корпоративна отпорност беше нагласено и од шефот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Фатих Туркменоглу.
Учесниците на конференцијата упатија повик за појаснување на регулативната рамка, воспоставување посилни стимулации и обезбедување техничка и институционална поддршка за градење капацитети, со цел да се овозможи поширока, посистемска и поефикасна примена на ЕСГ-стратегиите во сите сектори на економијата. Потенцирана беше и важноста од усогласување на националните регулативи со стандардите на ЕУ за одржливост, имајќи предвид дека ЕУ е најголем трговски партнер на регионот.
По официјалното отворање, конференцијата продолжи со панел-дискусии посветени на: ЕСГ во регулаторниот контекст на ЕУ, ЕСГ-лидерство и еколошка транзиција, улогата на бизнисите во градење на силни заедници, враќање на довербата преку одговорно корпоративно управување и улогата на финансиските институции во поддршката на одржливи практики и декарбонизација.
Конференциите на АмЧам посветени на ЕСГ-стандардите продолжуваат да служат како платформа за поврзување на релевантните национални и регионални чинители, директно поддржувајќи ја пошироката агенда на АмЧам за периодот 2024–2028 година која дефинира конкретни цели поврзани со зелената транзиција, развојот на човечките ресурси и економската интеграција.