На состанокот, како што соопшти МНРиНТ, министрите разговараа за имплементацијата на одлуките донесени на Самитот во Хаг, зајакнувањето на колективната одбрана и одговорот на современите безбедносни предизвици.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласил важноста од долгорочен и стратешки пристап на Алијансата, како и потребата од единство меѓу сојузниците во насока на одржлива политичка волја, фер распределба на товарот и колективна посветеност. Тој укажал и на потребата од заеднички пристап за постигнување долгорочно и заемно прифатливо мировно решение, преку конструктивниот дипломатски процес отпочнат од САД и Украина, со поддршка на партнерите.

„Министерот истакна дека Западен Балкан треба да остане во засилен фокус на НАТО и ЕУ, при што ваквиот усогласен и стратешки ангажман ќе придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот, како и за поддршка на целосната интеграција на земјите од регионот во европските и евроатлантските структури“, стои во соопштението на Министерството.






