Како што соопшти МНРиНТ, во рамки на посетата, покрај средбата со својот домаќин, секретарот Лами, предвидено е Муцунски да се сретне и со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија, Гарет Томас. Исто така, на бизнис-форум организиран од амбасадата на Република Македонија во Лондон, министерот ќе ги презентира економските потенцијали и можностите за инвестирање во земјата пред повеќе британски компании.
Во британскиот парламент, министерот Муцунски ќе оствари средба со членовите на парламентарната група за соработка со Република Македонија, а во реномираниот тинк-тенк „British Foreign Policy Group“ ќе има обраќање и дискусија на тема улогата на Македонија во евро-атлантската безбедност и регионалната стабилност“, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека во рамки на престојот во Обединетото Кралство, Муцунски ќе оствари средби и со наши иселеници во градот Литлхамптон, каде ќе ја посети црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и македонска фолклорна група и дечињата од македонската заедница кои посетуваат настава по македонски јазик.
Целта на посетата, како што наведуваат од МНРиНТ, е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, особено по потпишувањето на договорот за инвестициско партнерство. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, интеграцијата на Македонија во ЕУ, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.