„Кога прашањата за јазикот, идентитетот или националниот наратив се претвораат во формални услови во рамките на пристапниот процес, штетата оди подалеку од едно билатерално прашање. Тоа го оддалечува процесот од јасни, правни критериуми и го носи во сфера каде ниту една кандидат-земја не може да се чувствува целосно сигурно“, рече Муцунски.
Во своето обраќање пред членовите на Комитетот, Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажала конзистентна определба за европската интеграција.
Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на евро-песимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100% усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.
Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не ѝ штети само на нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив.






