Министерот Муцунски го потврди силното партнерство и пријателските односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност што Шведска е силен политички и билатерален партнер. Тој упати искрена благодарност за поддршката во евроинтеграцискиот процес на државата, како и до државата и шведскиот народ за брзата и одлучна реакција по пожарот во Кочани, кога дел од пациентите беа лекувани во Стокхолм.
Тој информираше и за реформските процеси во земјата, со посебен акцент на Планот за раст, реформата на правосудниот систем и имплементацијата на европските стандарди. Од страна на министерката Стенергард беше потврдена поддршката за македонската интеграција и принципиелната определба на Шведска за континуитет во политиката на проширување, соопшти МНР.
Министрите разменија мислења и за актуелните геополитички состојби во Европа и регионот на Западен Балкан. Во оваа насока, министерот Муцунски нагласи дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде фактор што промовира добронамерен ангажман, стабилност, добрососедски односи, отворен дијалог и активна регионална соработка.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со вториот заменик-претседател на шведскиот парламент – Риксдаг, Јулија Кронлиф. На средбата присуствуваше и Јусуф Ајдин, член на Комисијата за надворешни работи. Се разговараше за улогата на парламентарната дипломатија и беше изразено заедничко задоволство од од парламентарната соработка во повеќе области, како и од успешната реализација на проектот за демократски развој меѓу парламентите, кој веќе четири години придонесува за унапредување на соработката и размена на добри практики.
Министерот ги информираше соговорниците за најновите аспекти од евроинтегративниот процес и ја истакна важната улога на Шведска како принципиелен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Се разговараше и за безбедносната ситуација во Европа, при што беше подвлечена потребата од понатамошна поддршка за Украина и напори за постигнување траен и праведен мир.