Во Вашингтон, Муцунски ќе се сретне со високи претставници на Стејт департментот, при што ќе се разговара за унапредување на политичкиот дијалог, трговската соработка и унапредувањето на стратешкото партнерство. Ќе учествува и на тркалезна маса на Американско-централноевропската деловна асоцијација, а планирани се и средби со конгресмени и сенатори. По повод Денот на независноста и 30 години дипломатски односи, министерот ќе се обрати на настан со македонската дијаспора во регионот на Вашингтон.
Министерот ќе биде дел од македонската државна делегација која ќе учествува на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно, 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на високата недела на Генералното собрание, министерот Муцунски ќе оствари бројни билатерални средби со колеги од европски и воневропски земји, како и со претставници на А5, ПСЈИЕ, ЦЕИ, земјите од Западен Балкан и неформалната мрежа за поддршка на МКС. Тој ќе учествува и на Трансатлантската вечера во организација на државниот секретар на САД, Марко Рубио, како и на бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.
Од мултилатералната агенда на ОН, министерот ќе се обрати на неколку настани, меѓу кои: Првиот биенален самит за одржлива, инклузивна и отпорна глобална економија; тркалезна маса на тема „Европа и САД во време на глобална економска фрагментација“; и дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ОН на тема „Вештачка интелигенција и меѓународен мир и безбедност“. Тој ќе биде домаќин и на работниот појадок со земјите членки на Јадранско-јонската иницијатива.
Пред почетокот на официјалната програма во Њујорк, министерот ќе го посети фестивалот на храна во македонската црква „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, како и македонската црква „Св. Климент Охридски“, каде ќе се сретне со македонската дијаспора од регионот на Њујорк и Њу Џерси.






