Говорејќи за евроинтегративниот процес на државата, Муцунски ја нагласи целосната усогласеност на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и посветеноста на Владата на реформската агенда. Тој истакна дека државата е технички подготвена за отворање на првиот кластер од пристапните преговори и очекува јасен, предвидлив и кредибилен пат напред – без нови одлагања и блокади.
Министерот подвлече дека членството во ЕУ е стратешка определба на државата, а процесот на проширување не смее да се третира само како техничко прашање, туку како прашање поврзано со економски раст, стабилност и заеднички европски вредности.
Муцунски порача дека ЕУ мора да го задржи проширувањето како врвен политички приоритет, со јасна и предвидлива траекторија, предупредувајќи дека евентуално одложување на процесот би имало сериозни последици за кредибилитетот на политиката на проширување во регионот на Западен Балкан, соопшти Министерството за надворешни работи.