петок, 5 декември 2025

Муцунски во Брисел на средби со Калас и Руте, Муртезани со директорите на РЕГИО и ЕНЕСТ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски од денеска до среда престојува во работна посета на Брисел. Посетата вклучува средби посветени на евроинтегративниот процес на државата, како и учество на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО. А, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти.

Објавено на

часот

Сподели

Во рамки на посетата, министерот Муцунски, заедно со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе оствари средба со Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Средбата се одржува во контекст на континуираната посветеност на земјата кон европскиот интегративен процес и заедничката заложба за унапредување на партнерството со Унијата, особено во областите на безбедноста и одбраната.

На покана на Генералниот секретар на НАТО, Руте, министерот Муцунски во среда ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој ќе се одржи на 3 декември 2025 година во седиштето на Алијансата во Брисел.

„Министерскиот состанок ќе биде можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг, со фокус на иднината на Алијансата, јакнењето на индивидуалните и колективните способности, како и обезбедувањето ефективна одбрана и безбедност. Очекувана тема ќе биде и продолжената поддршка за Украина, како и заедничките одговори на актуелните безбедносни предизвици, вклучително и дестабилизирачките активности на малигни актери и стратешки конкуренти кои се закана за постоечката безбедносна архитектура и меѓународниот поредок“, наведува Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

За време на престојот во Брисел, предвидено е министерот Муцунски да оствари и низа билатерални средби.

А, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти.

Разговорите биле фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија, соопшти Министерството за европски прашања (МЕП).

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изразил благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

„На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцира значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите“, се наведува во соопштението од МЕП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ