„Евроинтеграциите остануваат во фокусот – исполнет ден со динамична агенда во Брисел. Ја реафирмирав посветеноста на Владата кон европскиот пат, со фокус на испорачување конкретни реформски резултати за подобрување на животот на граѓаните и натамошно усогласување со стандардите на ЕУ“, објави Муцунски на Фејсбук.
Посочува дека го нагласил напредокот во реформската агенда, постојната координација и активниот пристап на сите институции во таа насока.
„Направив пресек на тековните активности што Владата ги презема за забрзување на интегративниот процес, нагласувајќи ја неопходноста од јасен, предвидлив пристапен процес и пристапен процес, како заеднички интерес и за земјите кандидати и за земјите членки“, наведува шефот на дипломатијата.
Министерот Муцунски, во рамки на дводневната работна посета на Брисел, ќе учествува на тркалезната маса „A path for European enlargement“, во организација на „Пријатели на Европа“.
Предвидено е да има средби и со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, како и со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност Роксана Минзату. Заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ќе оствари средба и со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер.
Муцунски ќе има повеќе средби и со пратеници во Европскиот парламент.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, натамошната динамика на пристапниот процес, секторската соработка со институциите на Европската Унија, како и други актуелни политички, економски и реформски прашања од заеднички интерес.






