Муцунски за Њузмакс Балканс изјави дека Владата е посветена на европската интеграција преку спроведување на реформи и исполнување на мерливи критериуми што самата Унија ги поставила, но дека е потребна одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата и додаде дека државата црвсто стои на своите стратешки приоритети членството во НАТО, посветеноста на патот кон Европската Унија и стратешкото партнерство со САД.
Министерот се осврна и на членството во НАТО и придонесот на државата кон регионалната, европската и глобалната безбедност, вклучително и преку Партнерството за безбедност и одбрана меѓу Македонија и ЕУ, договорите за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија.
Во делот на економијата, шефот на дипломатијата истакна дека според најновите статистики, Северна Македонија е лидер во регионот и во Европа по обем на странски инвестиции во однос на БДП.
„Граѓаните и бизнисите сакаат резултатите да ги почувствуваат и на терен. Најчесто бенефитите од големите инвестиции се видливи по шест месеци до една година, преку нови и подобро платени работни места, зголемена продуктивност и соработка со домашни компании“, вели Муцунски.
Тој посочи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со Дирекцијата за ТИРЗ, работи на обезбедување сигурност и поддршка за странските инвеститори, со крајна цел граѓаните да го почувствуваат ефектот на инвестициите во нивниот животен стандард.
„Ветувам дека ќе работиме уште посилно за да се позиционираме уште подобро во следното мерење наредната година“, истакна министерот Муцунски.






