Тој истакнува дека Америка останува клучна сила во светот, а за Европа и Балканот незаменлив безбедносен фактор.
„Можат да се менуваат администрации и стилови, но интересите (тука мислам на безбедност, стабилност, трговија, технологија, енергетика) остануваат. Нашата работа е да бидеме држава што знае што сака, држава на која може да ѝ се верува, и држава што е дел од решението, не дел од проблемот. Затоа мојата порака е: Македонија не се движи по инерција, ниту се фаќа за ‘модни’ геополитички трендови. Ние сме прогресивни во амбицијата. Сакаме да бидеме модерна европска држава, со силни институции и економија“, вели во интервјуто Тимчо Муцунски.
На прашањето -ЕУ, САД или Исток – на каде треба да се насочи Македонија по рушењето на стариот светски поредок, Муцунски вели дека тоа не е избор „или-или“, туку „ „и-и“.
„Тоа не е ‘или–или’, туку ‘и–и’, под услов да имаш принципи, а не да трчаш по моментални ветрови. Затоа, кога прашуваат ‘ЕУ, САД или Исток’, мојот одговор е јасен: Македонија припаѓа на Западот – по вредности, по безбедносна архитектура и по стратешки интерес. Сѐ друго може да биде економска релација, во рамки на правилата и меѓународното право, но не и геополитичка ориентација“, порачува министерот Муцунски.
Во контекст на изговорените флоскули во Давос за „менување на граници“, „правила на посилниот“, „газење на меѓународното право“, па и дебатите за крај на НАТО, во интервјуто се поставува прашањето за македонскиот опстанок во форма во која сега постои земјата, најмногу поради искрите со Бугарија. Прашањето е – „загрозена ли и безбедноста, па да отидеме подалеку и постоењето на земјава?“
„Кога се отвораат дилеми за ‘менување граници’, ‘газење на меѓународното право’, па дури и теории за крај на НАТО – тука мора да бидеме најодговорни. Нашата безбедност денес е неспоредливо посилна затоа што сме членка на НАТО. Тоа е клучната разлика меѓу Македонија денес и Македонија пред 20 години. Ние сме дел од колективен безбедносен систем, имаме сојузници и имаме механизми на располагање. Во исто време, тоа не значи дека треба да бидеме наивни: затоа ја зајакнуваме одбраната, институциите, отпорноста на хибридни закани, како и енергетската и дигиталната безбедност. Искрите со Бугарија мора да се менаџираат политички и дипломатски, без паника и без комплекси, туку со цврст став за достоинството и идентитетските прашања, но и со јасен поглед кон европската иднина. Долгорочниот интерес на државата не се брани со драматизација, туку со сојузништва, економска сила и институционална стабилност“, вели во интервјуто за „Локално“, министерот Муцунски.






