среда, 18 февруари 2026

Муцунски од Тирана: Остануваме целосно посветени на реализација на коридорот 8

Актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација биле во фокусот на разговорите на министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“ во Тирана, на кој учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Македонскиот министер за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа истакнал дека Коридорот 8 е многу повеќе од инфраструктурен проект, тој претставува развојна визија што го поврзува Јадранското со Црното Море и создава нови мостови на соработка меѓу економиите и народите во регионот. Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, порачал дека коридорот 8 не е само инфраструктурен проект, туку политички избор и дел од италијанската стратегија за приближување на Западен Балкан кон ЕУ.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти МНРиНТ Муцунски на состанокот присустува на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, а на него се и министрите од Италија, Бугарија и Романија.

Состанокот се реализирал како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи на 27 јули 2023 година, а на него министрите констатирале дека постои заедничко разбирање оти коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Било нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.

„Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година“, се вели во соопштението.

Дополнително била истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент бил ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма Connecting Europe Facility, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.

Соговорниците се согласиле дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на коридор 8.

Македонскиот министер за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа истакнал дека коридорот 8 е многу повеќе од инфраструктурен проект, тој претставува развојна визија што го поврзува Јадранското со Црното Море и создава нови мостови на соработка меѓу економиите и народите во регионот.

„Коридорот – 8 претставува трансформативна развојна оска со длабоко економско, геополитичко и еколошко значење“, истакнал министерот Хоџа.

Тој нагласил и дека унапредувањето на овој коридор е директен дел од агендата за европската интеграција, со што, според него, се зголемува конкурентноста на државата и се зајакнуваат врските со европските транспортни и енергетски мрежи.

Министерот потенцирал дека инфраструктурниот развој мора да оди паралелно со еколошката одговорност, со почитување на стандардите за заштита на животната средина и биодиверзитетот.

Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, порачал дека коридорот 8 не е само инфраструктурен проект, туку политички избор и дел од италијанската стратегија за приближување на Западен Балкан кон ЕУ.

„Се согласувам дека за Италијанците, коридорот 8 не е само технички избор, туку е политички избор бидејќи е дел од нашата стратегија за обединување на Балканот, кој е стратешки приоритет за италијанската влада. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ да ви помогнеме да станете дел од ЕУ и јас сум јасен во врска со Западен Балкан. На 30 март ќе имаме група пријатели на Балканот за да ја потврдиме поддршката за обединување на регионот“, рекол Тајани на состанокот, објавија албанските медиуми.

Тајани додал дека заедничката декларација што ќе биде усвоена ќе пренесе силна порака дека „коридорот 8 е заеднички стратешки приоритет за нашите економии“.

„Посветени сме на преземање конкретни чекори за да го реализираме. Тој е клучен за трговијата. За Италија, трговијата е повеќе или помалку 40 отсто од нашиот БДП. Нашата цел е да го зголемиме извозот, за тоа ќе работиме напорно. Потенцијалот за економска активност помеѓу Јадранското Море и Балканот е извонреден. Денеска, повеќе од кога било, завршувањето на коридорот 8 е клучна безбедносна цел, тоа е инструмент за зајакнување на европскиот столб на НАТО. Ако сакаме да бидеме поважни, ако сакаме да разговараме со Американците на исто ниво, треба да го зајакнеме европскиот столб на НАТО“, рекол тој.

Форумот обединил претставници на јавни институции, европски институции, меѓународни финансиски институции и бизнис-заедницата, со цел унапредување на дијалогот за инвестиции, олеснување на трговијата и зголемување на конкурентноста долж Коридор 8, претворајќи го во нов мотор на развој и просперитет за регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ