Како што напиша на неговиот Фејсбук-профил, министерот Муцунски во обраќањето истакнал дека членството во Унијата претставува генерациска инвестиција и најамбициозен трансформациски проект за државата, преку кој се зајакнуваат демократијата, економскиот раст и општествената отпорност.
„Ја реафирмирав цврстата посветеност на земјата кон забрзување на евроинтегративниот процес, во согласност со јасно утврдени критериуми и стандарди, нагласувајќи ја потребата од предвидлив, фер и принципиелен пристап, без билатерализација и идентитетски отстапки. Ја подвлеков и важноста од одлучност и европско единство во контекст на актуелните геополитички предизвици, укажувајќи дека за земјите од регионот европската интеграција останува единствениот одржлив пат кон мир, просперитет и демократски напредок“, објави Муцунски на ФБ.
Во рамки на дводневната конференција била усвоена и заедничка декларација со која се потврдува стратешката важност на проширувањето на Унијата како инструмент за стабилност, раст и соработка на континентот и во неговото соседство.