Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како регионален сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.

Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.






