На попладневната средба во Брисел на Муцунски со Минзату присустувала и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.

„Попладнево во Брисел, заедно со директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, остваривме средба со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату. Разговаравме за унапредување на соработката во областа на образованието, вештините и младинските политики, како и за можностите за натамошно продлабочување на партнерството во рамки на европските образовни и мобилни програми“, објави Муцунски на фејсбук.

Министерот додаде дека на средбата ја нагласиле заложбата на државата за зајакнување на квалитетот и усогласеноста на образовниот систем со европските стандарди, како и за зголемено учество во програмите „Еразмус+“ и Европската образовна област.






