Според најавите, предвидено е Муцунски, Љутков и Ѓорѓиевски попладнево да се сретнат со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалeф.
Покрај тоа, Љутков и Ѓорѓиевски ќе имаат средба и со генералната директорка на Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура (ДГ EAЦ) при Европската комисија, Пиа Аренкилде Хансен.
Во пресрет на денешната посета, Муцунски, Љутков и Ѓорѓиевски во вторникот одржаа координативна средба посветена на заедничката стратегија и институционална презентација на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
„Зацврстуваме стратегија, градиме прецизна комуникација и создаваме заеднички фронт со европските партнери, затоа што Скопје заслужува да биде претставено силно, достоинствено и современо. Со ова покажуваме и дека сме целосно посветени на процесите, на целите и на европските стандарди што ни се водилка“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук по средбата.
Тој додаде дека средбата претставува јасен сигнал дека централната и локалната власт имаат план и работат синхронизирано со чиста визија и енергија, со јасна задача Скопје да биде поставено „високо на европската културна мапа, таму каде што му е местото“.
„Продолжуваме активно, одговорно и со обединета визија. Го зајакнуваме патот на Скопје кон европските практики и ја вреднуваме нашата културна иднина со работа, со посветеност и со верба дека оваа приказна ќе биде успешна и препознатлива. Скопје 2028 е иднината што ја градиме заедно“, наведе Ѓорѓиевски.






