„Во последните дваесет месеци во делот на надворешната политика имаме неколку одлуки и договори кои имаат огромно значење за стратешкото позиционирање на нашата држава. Прво е Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија – бевме прва земја во регионот што склучи таков договор. Потоа следеше новото стратешко партнерство со Обединетото Кралство, како и завршувањето на постмониторингот од Советот на Европа. Четвртиот клучен документ е Заедничката изјава за реципрочна трговија со Соединетите Американски Држави, која обезбедува јасен пат кон договор за реципрочна трговија“, ја пренесува изјавата на Муцунски Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Тој посочи дека изјавата предвидува задржување на тарифата од 15 проценти, која е пониска во споредба со голем број земји во светот, но и отвора можност за тарифи до нула проценти за специфични гранки и производи значајни за нашиот извоз кон САД. Целта е подобри услови за нашиот бизнис, како и развивање на други стратешки односи со САД во делот на енергетиката и дигиталната трансформација, истакна министерот.
Муцунски оцени дека „надворешнополитичката траекторија на државата е јасна и дека во релативно краток период се направени конкретни исчекори“.
„Успеавме во дваесет месеци стратешки да позиционираме повеќе клучни области, а сето тоа носи конкретни придобивки за нашите граѓани, за деловната заедница и за државата во целина“, посочи шефот на дипломатијата.
Осврнувајќи се на пораките од Минхенската безбедносна конференција, министерот истакна дека клучната порака од европските и американските претставници е Европа да се врати кон своите основни вредности.
„Основната порака е дека Европа треба да се врати кон своите основни вредности – не само во безбедносниот, туку и во цивилизацискиот контекст. Потребно е да се зајакне безбедносната архитектура, но и да се направи преиспитување на одредени политики што придонесоа за намалување на економската моќ на континентот“, рече Муцунски.
Тој додаде дека Соединетите Американски Држави испраќаат порака на партнерство и заедничка соработка во рамки на трансатлантските односи.
„Постои јасна порака за заедничка соработка, што е важно од аспект на нашата колективна безбедност и иднината на НАТО како алијанса. Истовремено, време е да се препознае дека геополитичката ера на која бевме навикнати во последните децении е променета и дека и ние како држава мораме јасно да се позиционираме во согласност со новите глобални трендови“, изјави министерот Муцунски.






