Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна интеграцијата во Европската Унија како стратешка цел на државата, а унапредувањето на регионалната соработка како клучен приоритет на македонската надворешна политика. Тој порача дека Западен Балкан не е проблем што треба да се менаџира, туку регион подготвен за напредок – не периферија, туку суштински дел од европската сегашност и иднина.
Муцунски ја нагласи потребата од јасен и опиплив пат напред кон полноправно членство во Европската Унија, како и значењето на регионалната политичка, економска и безбедносна одговорност. Во тој контекст, се осврна и на трагедијата во Кочани, посочувајќи ја како пример за важноста на блискоста со соседите и силата на солидарноста.
Министерот посебно го нагласи значењето на вложувањето во човечкиот капитал, јакнењето на конкурентноста на приватниот сектор и промоцијата на регионалните вредносни синџири како предуслов за одржлив раст. Само со ваков пристап, рече тој, можеме да спречиме одлив на млади, да поттикнеме циркулација на знаење и да изградиме долгорочна економија заснована на иновации и знаење.
Муцунски ја подвлече и улогата на Соединетите Американски Држави како значаен партнер кој обезбедува поддршка не само за безбедноста и политичката стабилност, туку и за економскиот развој на регионот.






