„Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера. Заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Дубаи остваривме средба со Македонците што живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати, успешни професионалци, кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија“, напиша денеска министерот Муцунски на својата Фејсбук – страница.
Во објавата се додава дека тие разговарале за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу двете држави, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата на дијаспората во овој процес.

„Ги запознав со активностите на Владата и Министерството, поврзани со дијаспората, вклучително и со стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, што е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата“, додаде министерот.
Претходно, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопштија дека министерот Муцунски од денеска до четврток престојува во работна посета на Дубаи, каде што ќе учествува на Светскиот самит за влади, што се одржува со мотото „Обликување на идните влади“.






