Шефовите на двете дипломатија над два часа разговараа на средбата и работниот ручек во Министерството за надворешни работи на Грција за време на првата посета на министерот Муцунски во Атина, а во фокусот беа билатералните односи, соработката во повеќе области, ЕУ-перспективата на регионот итн.
И Муцунски и Герапетритис во изјавите за медиумите по средбата порачаа дека двете земји имаат силна соработка во повеќе области и изразија подгoтовеност таа дополнително да се продлабочи.
Герпаетритис ја повтори грчката поддршка за ЕУ-перспективата на Македонија. Муцунски, пак, изразил благодарност за оваа доследна поддршка на нашиот европски пат и порача дека „тоа партнерство не само што го цениме, туку го гледаме како суштинско“.

И Муцунски и Герапетритис во изјавите за медиумите по средбата порачаа дека двете земји имаат силна соработка во повеќе области и изразија подготвеност дополнително да се продлабочи.
„Реафирмиравме нешто суштинско: дека како соседи и НАТО – сојузници, нашата соработка е важна. Важна е за нашите земји, важна е за целиот регион, и за вредностите што сите заедно ги застапуваме. Изразив благодарност за доследната поддршка што Грција ја дава за нашиот европски пат и за нејзината постојана улога како застапник на европската иднина на Западен Балкан. Тоа партнерство не само што го цениме, го гледаме како суштинско“, порача Муцунски.
Посочи дека се фокусирале и на „напредокот што носи реални резултати за нашите граѓани“.
„Инвестиции, трговија, инфраструктура, енергија… Разговаравме за проекти како коридорот 10 и интерконекторот за гас – не само како технички напори, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност’, рече министерот Муцунски.
Дополнително разговарале и за регионалната и за глобалната безбедност, при што ја потврдиле заедничката посветеност во рамки на НАТО и „потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња“, додавајќи дека поддршката за Украина „мора да остане непоколеблива“, но се осврна и на заедничките напори во справувањето со „штетни влијанија и да застанеме во одбрана на стабилноста и демократските принципи“.
Двајцата министри, како што рече Муцунски, ја нагласиле важноста на меѓународното јавно право и обврските што двете страни ги презедоа, бидејќи „меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка“.
„Исто така, изразив искрена благодарност за солидарноста на Грција за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните вонредни ситуации кај Дојран. Тоа не беа само гестови на помош, туку вистински дела на пријателство“, рече министерот Муцунски.
На помошта и солидарноста на Грција за нашата земја се осврна и шефот на грчката дипломатија кој рече дека „обединети од географијата, нашите земји стојат рамо до рамо, подготвени да си помогнат и се поддржат една со друга во моменти на потреба“, истакнувајќи дека „чиновите на солидарност ја зајакнуваат довербата и ги приближуваат нашите народи“.
„Грција и Северна Македонија воспоставија силна соработка во различни области, вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите и проекти за меѓусебно поврзување преку транспортни и енергетски мрежи. Се согласивме да ја продлабочиме нашата заемно корисна билатерална соработка во овие сектори, вклучително и преку Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Преку својата клучна енергетска инфраструктура, Грција може да дејствува како енергетски центар во Југоисточна Европа и значајно да придонесе за енергетската диверзификација и отпорност на Европа. Стратешките проекти во енергетскиот сектор, како што е гасниот интерконектор Грција – Северна Македонија, имаат суштинска улога во остварувањето на оваа цел“, рече Герапетритис.

Потсети на поддршката на Грција за нашето членство во НАТО во 2020 година и изрази желба за унапредување на соработката во рамките на Алијансата. Тој се осврна и на Солунската агенда од 2003 година за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, при тоа уште еднаш изразувајќи ја грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја и на регионот.
„Сакам повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија по европскиот пат, врз основа на утврдените услови и начелото на сопствени заслуги, со особено внимание на основните критериуми. Во овој контекст, дозволете ми да ја подвлечам крајната важност од целосна, доследна и со добра волја имплементација на Договорот од Преспа, вклучително и ерга омнес употребата на уставното име на државата“, рече Герапетритис.
Дополнително рече дека во конкретните околности на нестабилност, вооружени конфликти и внатрешни превирања, „од клучна важност е придржувањето кон меѓународното право“.
За денешната работна посета во Атина, а пред средбата со Герапетритис, министерот Муцунски на Инстаграм, објави фотографија од грчката метропола и напиша дека заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе се сретнат со раководството на грчката компанија „Ронтис“, која веќе успешно инвестира и работи на нашиот пазар.
На објектот на грчкото МНР што се наоѓа во центарот на Атина веднаш спроти Парламентот, развиорено е македонското знаме заедно со грчкото, а шефот на дипломатија пристигна пеш и на влезот беше пречекан од Герапетритис.






