„Денеска во Вашингтон ја предводам делегацијата која учествува на втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, која ја отворивме заедно со Брендан Ханрахан, висок претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот. Овој дијалог претставува важен формат за унапредување на билатералната соработка и потврда за силното сојузништво и стратешко партнерство“, напиша Муцунски на фејсбук.
Тој наведува дека фокусот на разговорите е ставен на клучни области, вклучително глобалните и регионалните прашања, одбраната и безбедноста, енергетиката и економската соработка, сајбер и дигиталната безбедност, како и зајакнувањето на граничната безбедност и справувањето со транснационалните закани.

„Втората сесија на Стратешкиот дијалог претставува потврда за заедничката определба за унапредување на мирот, безбедноста и просперитетот, како и за натамошно зајакнување на трансатлантските врски. Стратешкиот дијалог ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер, со јасна посветеност кон заедничките вредности и стабилноста на регионот“, пишува во објавата на Муцунски.
Во рамки на работната посета на Вашингтон министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски остварил средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, на која ја реафирмирале заедничката определба за силно и долгорочно партнерство.
„Остварив билатерална средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау. Ја реафирмиравме заедничката определба за силно и долгорочно партнерство, засновано на безбедност, слобода и демократски просперитет. Втората сесија на Стратешкиот дијалог претставува важен исчекор во унапредувањето на билатералните односи“, наведува Муцунски во објавата на фејсбук.
Како што соопшти МНР, на средбата соговорниците констатирале дека заеднички приоритет во наредниот период ќе биде ставен на операционализацијата на стратешкото партнерство, при што биле идентификувани конкретни и проширени форми на соработка во суштински области од заеднички интерес, во корист на граѓаните на двете земји.
На средбата, меѓу другото, станало збор и за соработката во рамки на НАТО, зајакнувањето на билатералната економска соработка по усогласувањето на рамката за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија во февруари 2026 година, за енергетската безбедност, потребата од диверзификација на енергетските извори и зајакнувањето на регионалната поврзаност.

„Разменети беа и мислења за состојбите во регионот на Западен Балкан и процесот на европска интеграција. Воедно, министерот Муцунски истакна дека од особена важност за регионот, особено во контекст на актуелните глобални безбедносни предизвици, е континуираното присуство и ангажман на САД, како клучен фактор и гаранција за регионалната стабилност“, пишува во соопштението на Министерството.
Муцунски ја предводи високата владина делегација на втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, која денеска беше отворена заедно со Брендан Ханрахан, висок претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот.
Од МНР посочуваат дека Македонија е прва земја од Европа која во Вашингтон реализира сесија на Стратешкиот дијалог во мандатот на оваа администрација и оти Стратешкиот дијалог во Вашингтон претставува важна платформа за унапредување на билатералната соработка во клучни области и потврда за долгогодишното сојузништво и силното стратешко партнерство меѓу двете земји.

Оттаму дополнуваат дека со оваа нова сесија на Стратешкиот дијалог, Македонија и САД, внесуваат нов импулс за натамошно продлабочување и надградба на билатералното партнерство, преку дефинирање јасен патоказ за соработката во периодот што следи.
„Водени од принципите на заемна корист, предвидливост и долгорочна визија, како и заедничка посветеност кон поширокиот регионален просперитет, разговорите меѓу двете високи делегации беа фокусирани на теми од областа на одбраната и безбедноста, енергетиката, економската соработка, трговијата и инвестициите, културната соработка, како и прашања од глобален и регионален контекст“, пишува во соопштението на МНР.






