„Министерството за транспорт како институција која е надлежна за објекти од прва категорија како што се аеродроми, болници кои третираат терциерна здравствена заштита, градби за високо образование, спортски сали, стадиони и други државни инфраструктурни објекти, во изминатиот период сериозно пристапи кон решавање на проблемот со нелегалните објекти кои спаѓаат во оваа категорија.

Во координација на повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат, како и Аероклубот на спортскиот аеродром Стенковец Скопје – ќе се започне постапка за конфискација на нелегално изградениот објект на спортскиот аеродром Стенковец.
Имајќи предвид дека објектот е целосно нелегално изграден на државно земјиште, надлежните органи одлучија да се обратат до Обвинителството и Судот и да побараат целиот објект да се конфискува во корист на државата, со цел истиот да може го користи Агенцијата за цивилно воздухопловство за тренинг на пилоти и други потреби.
Ова е јасна порака дека нема да се толерира изградба на нелегални објекти на места каде Министерството за транспорт и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, се наведува во објавата на Николоски.
Вчера, Аероклубот Скопје, апелираше преку писмено соопштение до институциите да не се урива нелегално изградениот објект – ресторан, туку да се пренамени во воздухопловна школа.






