четврток, 10 април 2025

Мрежата за заштита од дискриминација тврди дека предлог-членови на КСЗД се партиски кадри

Мрежата за заштита од дискриминација денеска преку соопштение бара Собранието да не го именува кандидатот предложен од Комисијата за прашања на изборите и именувањата за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и да избере независни кандидати/ки по заслуга, кои ги исполнуваат законските критериуми.

Објавено на

часот

Сподели

Според нив, Собранието ја урива суштината на КСЗД преку именување членови под партиски клуч кои не ги исполнуваат законските услови.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата го предлага Вецко Здравески за иден комесар во КСЗД со мандат од пет години, кандидат кој, според нив, „е партиски кадар и не ги исполнува критериумите за избор“.

„Спроведеното интервју со кандидатот, неговото претставување, а особено одговорите на прашањата од публиката беа на незадоволително ниво по сите стандарди за избор на член на телото за еднаквост. Неговото интервју јасно покажува дека кандидатот не се чувствува сигурно при изговарање на  некои од основите за дискриминација, како, на пример, зборовите „сексуална ориентација“ и „транс жена“. Ваквиот однос ни укажува на целосно непочитување кон маргинализираните заедници, кои истовремено се едни од најчесто дискриминираните лица, и создава реално сомнение дека кандидатот кога би бил член на КСЗД би постапувал непристрасно и професионално кон сите граѓани. Од друга страна, сосема е нејасно како Комисијата утврдила дека кандидатот ги исполнува законските критериуми и е експерт за заштита од и спречување на дискриминација, кога на седницата немаше повеќе од 10% вкупниот број членови на Собранието, а од неговата биографија воопшто не произлегува ваква експертиза, па дури ни интерес“, се наведува во соопштението.

Од Мрежата наведуваат и дека Здравески претходно бил член на Комисијата за верификација на факти, како и дека за дел од работата бил обвинет во случајот „Моќник“ заедно со Антонијо Милошоски, случај кој беше затворен поради застареност на кривичните дела, а како директна последица на измените на Кривичниот законик.

Мрежата за заштита од дискриминација потенцира дека ваквиот избор на партиски кадри без искуство и знаење од областа значи ризикување на досега постигнатите резултати од областа на антидискриминација, клучна и за процесот на интеграција во ЕУ.

„Изборот на кандидати коишто не ги исполнуваат законските услови и кај кои има сомнежи за нивната независност или непристрасност не може да резултира со мислења коишто ќе ги заштитат жртвите на дискриминација“, наведуваат оттаму.

КСЗД е независно тело за еднаквост чија ефикасност, непристрасност и исполнување на надлежностите е директно зависно од знаењата, екпертизата и интегритетот на комесарите/ките. Кандидати кои немаат знаења и се избрани по партиски клуч не можат да штитат и да превенираат од дискриминација, особено имајќи предвид дека тие мандатот го должат на партиите, а не на сопственото знаења и искуство. Оттука, наместо еднаквоста на граѓаните, овие кандидати ќе ги штитат партиските и личните интереси од позиција на членови на КСЗД.

Помеѓу кандидатите имаше и независни експерти, со долгогодишно докажано искуство во областа на антидискриминацијата и човековите права, кои при самото претставување укажаа на важноста на избор на независен кандидат. Оттука, сметаме дека Собранието можеше да направи избор на квалитетни кандидати кои уште повеќе ќе ја унапредат работата на КСЗД. Законските критериуми за избор на членови на КСЗД се: седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; 240 ЕКТС кредити; да е државјанин/ка на РСМ; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ