Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование.
„Предлог-законот е во колизија со Уставот. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со член 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, член 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува лекс специјалис и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет“, велат од МЗД.
Од МЗД се повикуваат на одлуката на Уставниот суд од 29 мај 2024 година според која системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата.
„Законот за средно образование изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници. Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници. Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено. Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив. Членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура. Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација“, реагираат од МЗД.
Мрежата за заштита од дискриминација бара итно повлекување на предлог-законот за верски училишта и ја повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност.
„Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем“, велат од МЗД.






