недела, 14 декември 2025

Можна евакуација на жители од Шуто Оризари поради пожарот во Визбегово

Во пожарот кој избувна утринава на депонија во реонот на Визбегово, општина Шуто Оризари, според информациите на МИА од терен, интервенираат еден „eр-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, еден хермелин и повеќе возила на Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, како и возила од ЈП Комунална хигиена.

Објавено на

часот

Сподели

Според она што можеше да се види на терен, пожарот од силниот ветер сѐ повеќе се разгорува и претставува ризик да се прошири кон куќите што се наоѓаат во непосредна близина.

Пред да биде интервенирано од страна на ДЗС и МВР, локалното население со помош на камиони и багери го расчистуваа околниот отпад од старо железо и гуми кој сѐ уште не беше зафатен од пожарот, по што полицијата целосно го забрани пристапот до местото. Од Центарот за управување со кризи (ДЗС) соопштуваат дека пожарот претставува опасност за жителите во Шуто Оризари и доколку има потреба тие ќе бидат евакуирани. Додаваат дека бил запознаен градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, којшто, како што велат, ќе процени дали има потреба за евакуација на населението во реонот.

„Во реонот на Визбегово, општина Шуто Оризари во близина на дивата депонија, избувнал пожар кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. По барање на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, побарана е воздушна поддршка за справување со пожарот. Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш го процесираше барањето до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со цел побрза и поефикасна интервенција на терен“, соопштуваат од ЦУК.

Апелираат до граѓаните да се воздржат од движење во близина на критичната зона и да останат дома со затворени прозорци, сè додека не се стабилизира состојбата.

Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески, во првичната изјава дадена за МИА утринава, информираше дека интервенираат со четири возила.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ