Како што денеска соопштија од тимот на Мрежа Стела, авторка на прирачникот е професорката Ангелина Станојоска од Правниот Факултет при Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“.
Од Здружението за еднакви можности Мрежа Стела сметаат дека е потребно да се развијат стратегии за зголемување на свеста и заштита од ваквите форми на насилство, како и да се промовираат механизми за идентификување и справување со дезинформации и дигитално насилство врз родова основа.
„Овој Прирачник ќе им помогне на читател(к)ите преку практични и теоретски насоки да ги идентификуваат и да се справат со дезинформациите, лажните вести и родово-базираното насилство во дигиталниот простор. Исто така, нуди конкретни совети за заштита од дигитално насилство, процедури за пријавување и заштита и поддршка на жртвите“, соопштија од тимот на Мрежа Стела.
Во насока на справување со родовите дезинформации, како и препознавање и пријавување на формите на дигиталното родово-базирано насилство, Мрежа Стела досега има организирано четири работилници за дигитална самоодбрана, една панел дискусија во Градско на тема „Градиме безбедни простори против насилство – Превенција и заштита од (дигитално) РБН“, како и една студентска конференција во Битола „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“. Работилниците им овозможија на младите да добијат пошироко разбирање за родово-базираното насилство и како да се справат со неговите форми во дигиталниот простор, со акцент на превенцијата, препознавањето и поддршката. Дополнително, беа адресирани и предизвиците на родовите дезинформации, нивната улога во одржувањето на нееднаквостите, а е нагласена и важноста на дигиталната слобода како средство за постигнување родова еднаквост.
„Жените и девојчињата, како и маргинализираните групи и ЛГБТИК+ поединците, често се изложени на лажни информации кои се обидуваат да ги омаловажат нивните ставови, да ги дискредитираат нивните активности и да ги ограничат нивните права. Родово-базираното насилство во дигиталниот простор е специфична форма на насилство насочено кон поединци врз основа на нивниот род, пол или родов идентитет, а се извршува онлајн со користење на дигиталните платформи и е сè поприсутно во денешното време на дигитална ера. Овој тип на насилство им овозможува на сторителите да демнат, вознемируваат, малтретираат и понижуваат со цел да заплашат, замолчат или да искористат“, се наведува во соопштението од тимот на Мрежа Стела.
На глобално ниво, се подвлекува меѓу другото во соопштението, родово-базираното насилство е препознаено како сериозно прекршување на човековите права и основен проблем што го попречува постигнувањето на родова еднаквост и социјална правда.