Предолга и преболна е таа историја на прогонства и измачувања на Македонците во Грција за да се избрише сеќавањето со еден асиметричен билатерален договор, со кој всушност сите Македонци треба „доброволно“ да се откажат од својот национален идентитет за неверодостојни ветувања за европска иднина. Впрочем, поголема е литературата, личните записи, па и усните преданија за страдањата на Македонците зашто се Македонци, од „литературата“ во документот наречен Преспански договор, кој повикува на „заборав“ на националниот идентитет.
Неодамна, историчарот Димитар Љоровски, објави документ од архивата на Комунистичката партија на Грција, своевидно ексклузивно сведоштво на заробеник од логорот Макронисос во Грција, во тој период на Граѓанската војна, од 1946 до 1949 година. Всушност, тоа е сведоштво на Ристо Вамваковски (дедо на Љоровски), кој преживеал лично судбина и настани опишани во романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски и филмувани од режисерот Кирил Ценевски.
„Воените власти во грчката држава, надвиснати над новата опасност од комунизмот, го принудуваа грчките регрути, посебно оние од македонско потекло, да дадат изјави дека не ја подржуваат комунистичката идеологија. Во прв момент тој не ја сфати сериозноста на ситуацијата, особено што комунистичката идеологија му беше нешто далечно. Па така, првин Ристо Вамваковси беше затворен во Солун, па во логорот Дудулар, за оттаму да биде префрлен во логорот Макронисос. Во ова пригода за прв пат, во превод, го презентирам неговото сведоштво веднаш по излегувањето од логорот. Неколку пати додека беше жив се обидував да го натерам да ми ја раскаже неговата историја, но секогаш кога ќе стигнеше до ‘митролирањето’ (ќе ви текнат сцените од „Црно Семе“), тој ќе почнеше да плаше и престануваше. Сепак, сведоштвото постои“, го објаснува контекстот на записот историчарот Љоровски.
Тој нагласува дека овој документ се наоѓа во архивата на КПГ и го прикажува целосно, освен деловите кои не се читливи.
Ј.П.
„МАКРОНИСОС
F-25/3/109
Пред еден месец дојдов од Макронисос. Сега ќе можам послободно и пред моите другари-војници, кои исто како мене беа во заробеништво, да ви ги раскажам злосторствата во Макронисос.
Сакам да слушнат, за да научат. Ако вие пишувавте (се мисли на КПГ, б.м.), секако ќе велеа дека е вашата вообичаена пропаганда, но сега јас ви зборувам – ќе им ја затворам устата на Софулис и на Цалдарис (претставници на грчката власт, б.н.). Го започнува своето сведоштво Христос Вамвакас од Кардја, Кајлари.
На 31.12.1946 г. бев разоружан и во јануари 1947 г. испратен во Микра Салоникис. Бев затворен зад бодликава жица. Од првиот ден почнавме да носиме чакал во ранците и да го поправаме патот на брегот. Одвреме-навреме крваво не тепаа. Наш командант беше Панајотис Скалумбакас. Во почетокот се формираше еден вод. Таму бевме 40 дена. Оттаму бевме префрлени во логорот Дудулар, каде што беше основан III баталјон со истиот командант.
На 14.6.1946 г., кога станавме 500 луѓе, не однесоа во Макронисос. Во утринските часови нè принудуваа да трчаме 15 минути, а ако некој застане, го претепуваа со ремен и го принудуваа да ја продолжи вежбата, односно гимнастиката. По трчањето, копавме ровови и носевме камења до пристаништето.
Вообичаено беше 4-5 луѓе да креваат камења од 80-100 кг и да ги товарат на грбот на другите. Од мачењето 7 полудеа (меѓу нив Антониос Костопулос од Нестрам, Костурско, и уште еден друг Стефанакос од 1. баталјон). Други, за да ги избегнат страдањата, се самоубија или се фрлаа и се давеа во морето.
Двапати дневно нè собираа и нè подучуваа да ги мразиме северните соседи, итн.
Во меѓувреме, од сите краишта на Грција пристигнуваа се повеќе војници. Формирани беа 3 баталјони. Имаше и центар за офицери со 600 затвореници. Оброците од ден во ден се влошуваа, а болестите нè косеа.
На 29 февруари го собраа нашиот баталјон пред командниот штаб за проверка. Помошникот ни нареди да одиме во местото за собир. Трите чети продолжија понатаму. Баталјонот немаше време да помине покрај театарот кога почна пукањето. Убиени беа 5, а ранети 7 (тогаш беше убиен Ландурис Василиос од Митилини).
Како што бевме собрани, викавме: „Доволно, убијци!“ Мајорот Карабекиас нареди прекин на огнот и веднаш беше демобилизиран. На негово место дојде Антониос Василопулос и нè најде собрани. Рече дека треба да формираме комисија и да ги изложиме нашите поплаки. Од толпата го зедоа докторот Арсенис од Халкидики. Доктор Арсенис рече дека бараме меѓусојузна комисија да ги реши нашите прашања. Ако не се прифати нашето барање, им кажа како ќе прогласиме штрајк со глад. 3/5 од првиот баталјон беа интелектуалци. Василопулос се заколна на својата воена чест дека нема да ни пречи.
Следниот ден 1/3 од 9 часот утрото донесе нова сила која нè опколи околу местото. Пукаа со автоматски пушки, а ние се браневме со камења. Паднавме на студот и крвта течеше. По инцидентот 10 луѓе со носилки работеа континуирано и носеа мртви луѓе кои продолжуваа да ги тепаат. Истиот ден повикаа некои поединци – внукот на министерот за воздухопловство Јоргос Бакалбасис, студент на политехничкиот факултет, докторот Арсенистон Парисис, учителот Катарос од Сер и многу други. За да го дополнат бројот од 163, земаа и од III баталјон. Mеѓу нив бев и јас. Сите нѐ ставија во затвор. Како први ги зедоа авијатичарите и морнарите.
Во затворот останавме 2 месеци. Сите живеевме во 3 групни ќелии. Не се опишуваат нашите маки, особено тие 4 деноноќија кога… (нечитливо). …чекавме да завршат сослушувањата… да ги намокриме усните. Кога отидовме кај иследникот се онесвестивме и побаравме вода. Но, наместо вода, нè дочекаа со удари… (нечитливо). Ни наредија да измислиме некакви лажни приказни за тоа како сме ја организирале ‘сцената’. По истрагата, нас нè распоредија по 20 во секој шатор. Носевме камења за да изградиме вили за официрите.
На 5 мај 1948 година бев ослободен од затворот, но на 20 јули 1948 година повторно бев вратен во монархофашистичката војска по исказот што го доставив.
Тој го заврши своето сведоштво и 13-те заробеници, кои за прв пат го слушнаа ужасот што владее во логорите на Макронисо, почнаа да се крстат и да ја проколнуваат државата на Атина која ги надмина германските срамоти“, кажува во своето сведоштво Ристо Вамваковски, зачувано во архивите на КПГ.
По излегувањето од Макронисос, Вамваковски бил вратен во регуларната грчка армија и со неговата чета бил пратен да се бори против силите на ДАГ на Вичо, каде што бил и ранет. Заробен од партизаните на ДАГ, се префрла на нивна страна, го дава ова сведоштво и се бори до крајот на Граѓанската војна во Грција, учествувајќи во легендарните битки на Вичо и Грамос. Потоа се префрла во Албанија, а оттаму во Ташкент. Доаѓа во Скопје во средината на шесетите години од минатиот век, каде за прв пат после 20 години се сретнува со својата ќерка. Починал на почетокот на 21 век во Скопје.