недела, 14 декември 2025

Мостот на Вардар, кај Башино село – по 15 години безбеден за сообраќај

Повторно е во функција мостот на реката Вардар кај Башино Село во Општина Велес. По зајканувањето на неговата долна конструкција (греди и столбови) издржува товар до 40 тони и граѓаните можат безбедно да се движат.

Објавено на

часот

Сподели

Мостот е изграден во 1971 година, пред повеќе од пет децении, а во последните 15 години беше високоризичен, поради што Владата по препорака на Градежниот факултет, во јануари годинава беше задолжена да го затвори.

„По шест месеци повторно сме тука, со исполнето ветување кое тогаш го дадовме пред граѓаните. Ги завршивме работите на мостот многу побрзо од што се очекуваше. Се зајакнаа гредите и столбовите и сега мостот е стабилен и функционално е многу јак“, истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски.

Тој најави дека во соработка со Министерството за транспорт веќе е во фаза проектирање на нов мост.

„Проектирањето е при крај, се надеваме дека во втората половина на годината ќе се објави тендерот за изградба на мостот и тоа по нова технологија што досега не сме ја имале во земјава“, подвлече Трајановски.

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека мостот е пуштен во употреба, како и дека безбедноста е на прифатливо ниво.

„Сега сите сме сведоци дека повеќе не треба да ја користиме честичката ‘ќе’, туку ‘е’ – мостот е пуштен во употреба, бидејќи веќе сообраќаат тука возила и товарни и лесни патнички, така што цениме дека безбедноста е на прифатливо ниво. Овој потфат беше прилично брз, ефикасен и еве, конечно мислам дека ќе успееме да обезбедиме побрз транспорт во рамките на градот Велес“, рече Мицкоски.

Според градоначалникот на Велес, Марко Колев, во изминатите 15 години ниту еден премиер или министер не презел ништо за санација на мостот.

„Кога локалната и централната власт седнуваат на маса и разговараат, доаѓаат до вакви решенија за пробпемите што ги мачат граѓаните. Преку 15 години мостот беше проблем. Не знам колку премиери и министри за транспорт и колку директори на јавни претпријатија дојдоа на оваа локација, но даваа ветувања од кои немаше ништо. Пред шест месеци, по добивањето на извештајот од Градежниот факултет за алармантноста на состојбата, мостот беше затворен. Факултетот направи техничко решение, Владата овозможи негова реализација и денес веќе долниот дел од мостот е целосно реконструран. Мостот е пуштен за сообраќај во двата правца, граѓаните можат безбедно да се движат. Вкупно 15 години се зборуваше за оваа работа, но оваа Влада за шест месеци го направи ова. Пораката до граѓаните е без страв да комуницираат меѓу овој и другиот дел на градот и безбедно да се движат по мостот“, истакна Колев.

Премиерот Мицкоски во Велес беше придружуван од министерот за транспорт Александар Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ