Како што информираа од МОН, преку јавен повик беа одбрани 20 лица кои ќе работат со средношколци од ромската етничка заедница во надминувањето на образовните и други предизвици со кои тие се соочуваат во секојдневието. Тие денес ги потпишаа договорите за работен ангажман и се сретнаа со министерката за образование и наука Весна Јаневска која изрази благодарност за нивната желба и подготвеност да се вклучат во заложбите за подигнување на инклузивноста на националниот образовен систем.
„Имаме голем успех со ромските образовни медијатори во основното образование. Очекувам и вие да бидете ефикасни во работата, која е многу благородна. Разговарајте со родителите, градете добар однос со училишните служби, вклучувајте ги во училиштата оние кои не се на настава и помагајте им во образувањето и во остварувањето на сите други права. Важно е да имаме што поедуцирано население, бидејќи знаењето е основната алатка за успех“, рече министерката Јаневска, додавајќи дека во тек е јавен повик за ангажирање дополнителен број медијатори.
Јаневска посочи дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, како што рече, освен поддршката преку образовните медијатори, заложбата за спречување на дискриминацијата и сегрегацијата, се зголемува и поддршката преку стипендирање на нивното образование.






