Победниците на конкурсот денеска во МОН имале средба со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која им доделила пригодни подароци.
Како што информира МОН, министерката Јаневска истакнала дека „јазикот е душата и идентитетот на еден народ, симбол на индивидуалноста и уникатноста“.
„Оттука, исклучително важно е да го почитуваме и да продолжиме да се грижиме за развојот на македонскиот, но и на сите други јазици на кои говорат граѓаните на Македонија. Ви честитам на заложбата, на вложениот труд и ви посакувам во иднина уште многу успеси и победи“, истакнала Јаневска, изразувајќи задоволство што младите сакаат да творат и да учествуваат на натпревари.
Учениците од четврто до шесто одделение се натпреваруваа на тема „Мојот македонски јазик е како виножито, полн со бои и зборови“. Првото место го освои Лука Стојановиќ од ОУ„Видое Подгорец“ с.Колешино, Ново Село.
Учениците од седмо до деветто одделение пишуваа на тема „Мојот македонски јазик – мој идентитет, културно наследство и аманет“. Првото место го освои ученичката Ива Јосифовска од ОУ„Гоце Делчев“- Прилеп, а на истата тема меѓу учениците од прва до четврта година средно образование, првонаграденa е ученичката Тијана Атанасова од СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Ученичката Рига Куртај од ОУ„ 25 Мај“- Гази Баба е победник во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик, а се натпреваруваа на тема „Македонскиот и мојот мајчин јазик се пријатели“.
Учениците од седмо до деветто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик пишуваа на тема „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“. Најдобар е есејот на ученичката Ерина Бајрами од ОУ„ Наим Фрашери“ – Куманово.
На истата тема меѓу учениците од прва до четврта година од средните училишта кои учат на наставен јазик различен од македонскиот, првонаграден е есејот на ученикот Аљдин Мурати од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Кисела Вода, напишан на Брајово писмо.






