понеделник, 8 декември 2025
Извештај на Државниот завод за ревизија

МОН набавувало книги ама дел стојат оштетени по магацини во влага

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерство за образование и наука (МОН) на сметката на основен буџет на заеми од Светска банка, проект за изградба и опремување на 145 училишни сали и рехабилитација на училишни објекти, како и на сметката за буџет на донации.

Објавено на

часот

Сподели

Со ревизијата утврдено е дека и по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентските кредити доделени во периодот од 1998 до 2010 година, во износ од 1.106.023 илјади денари, односно приближно 18.000.000 евра, евидентирани како „Долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата“.

Во однос на Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност. Дополнително, не бил уреден начинот и постапката за распределба на буџетските средствата,

Слични слабости се утвредени и во реализацијата на капиталните проекти во високото образование. Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово изграден со буџетски средства во вкупен износ од 212.407 илјади денари (3.450.000 евра), е пуштен во употреба без извршен технички преглед на градбата и без одобрение за употреба на објектот. Исто така, набавената опрема за кујната во домот поради не изведената вентилација не е ставена во употреба, што значи дека и покрај вложените средства, дел од објектот не може функционално да се користи за намената за која е предвиден.

Во 2023 година, за стипендии на студенти запишани на еден од првите 100
универзитети во странство биле исплатени средства во износ од 179.852 илјади денари (2. 920.000 евра). Со ревизијата беше утврдено дека не постои воспоставен систем за ангажирање на овие лица по завршувањето на студиите, со што не се обезбедува ефекасно користење на вложените средства за оваа намена. Во 2023 година бил исплатен поголем износ за уписнини за 66 студенти, во висина од 3.801 илјади денари, бидејќи пресметката и исплатата не е извршена согласно договорите помеѓу МОН и студентите, односно уписнината била пресметана по курсот на денот на исплата, а не по курсот на денот на објавување на конкурсот.

Во 2025 година се започнати активности насочени кон надминување на овие утврдени состојби.

Во рамки на проектот Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од врвните универзитети во САД и Англија, како и од областа на правото во Франција и Германија, за кои во периодот од 2012 до 2021 година се исплатени средства во вкупен износ од 814.763 илјади денари, приближно 13.250.000 евра, ревизијата утврди значајни недостатоци во управувањето со набавените книги. Книгите сè уште не се дистрибуирани до државните органи, не се води целосна евиденција за прием и издавање на книгите од магацин, ниту е извршен редовен попис.

Дополнително, условите за чување се несоодветни, што довело до оштетување на дел од книгите поради влијанија од влага и температурни промени.

„Иако учебниците кои МОН ги доставува на економскиот оператор на стручна
редакција, графичко и техничко уредување веќе биле уредени од авторите (особено кај ракописите/учебниците за основно образование), операторот наплатува по број на страници според договорената цена од јавната набавка, наместо само за реално уредените страници, што води до несоодветно трошење на буџетски средства. Ваквата пракса се применува со години, бидејќи МОН делувал како издавач иако нема регистрирана издавачка дејност. Со новиот Закон за учебници во основно и средно образование, донесен во јануари 2025 година, се преземени мерки за надминување на
овие состојби. За набавките во делот на консултантски услуги во рамките на сметката за средства од буџет на заеми – Проект за унапредување на основното образование кои се спроведуваат по правила на Светска банка, во услови на недостиг на мерила и конкурентни финансиски понуди ревизијата не беше во можност да се увери во висината на надоместoците на консултантите и дали извршените услуги обезбедуваат
целосна вредност за парите“, се вели во извештајот на ДЗР.

Во делот на нагласување на прашања со ревизијата обелоденети се одредени
состојби и тоа распределбата на блок дотациите за основно и средно образование се врши во услови на oтсуството на реални критериуми со што се доведува во прашање обезбедувањето на средствата за ефикасно и непречено извршување на пренесените надлежности и редовно сервисирање на обврските на училиштата, започнатите градежни активности за изградба на објектите за Факултет за физичко образование, спорт и здравје и Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје за кои во периодот 2016-2019 година исплатени се средства во вкупен износ од 179.320 илјади денари, (приближно 2.920.000 евра), уште се соочуваат со неизвесност за нивното завршување.

Врз основа на извршена анализа согласно проектите и извршена проценка за завршување на објектите ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, приближно 1.349.720 илјади денари (односно 21.950.000 евра) и очекуван рок од три години, констатирани се и потенцијални финансиски ризици поврзани со тековните судски постапки во кои МОН е тужена страна, како и на исплати за графичко и техничко.

Утврдени се и слабости во системот на внатрешни контроли, особено во процесот на плаќање, како и недоволна кадровска екипираност на Одделението за внатрешна ревизија, што дополнително го зголемува ризикот од неправилности и несоодветно користење на буџетските средства.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ