Како што информираат од МОН, за оваа намена од Германската развојна банка KfW, а со поддршка од Европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, обезбедени се средства во висина од 40 милиони евра. Тоа е буџет со кој ќе се реализира втората фаза од процесот на темелна и енергетски ефикасна обнова на преостанатите седум државни студентски домови, со оглед дека домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ се во активна фаза на обнова, а паралелно ќе се реконструираат и објектите на седум државни училишта со ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби.
Дополнително, за покривање на трошоците поврзани со подготовките за реконструкција на ресурсните центри, како што се енергетски контроли, детални проекти и тендерирање за енергетски ефикасната реконструкција, преку програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан поддржана од Европската Унија, обезбеден е неповратен грант од 1,25 милион евра.
Договорите за користење на средствата ги потпишаа министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и Пабло Алварез Обрадор, директор за енергетика за Југоисточна Европа и Турција во Германската развојна банка KfW, а во присуство на Штефан Худолин, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, и заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Јан-Аксел Фос.
Оваа крупна инвестициска активност, како што посочуваат од МОН, е значаен исчекор во унапредувањето условите за живеење и учење на младите во Македонија, подигнување на инклузивноста, зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти и значително намалување на емисиите на ЦО₂.






