Седницата на која ќе се дискутира дали Законот за јазиците е во согласност со Уставот е закажана за 11 декември.
Од Уставниот суд информираа дека по завршување на седницата ќе се одржи редовна прес конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања поврзани со овој закон.
Според ДУИ, Законот за јазиците е производ на сложен компромис, постигнат по години макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина.
Потпретседателот на Владата Изет Меџити денеска изјави дека Законот за употреба на јазиците е тема поради половични и нецелосни решенија на политиките на ДУИ.
„Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право значи за ова прашање, тоа е ДУИ. Заради нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Ова прашање да беше апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови денес немаше да биде тема на дискусија. Тема на дискусија е заради половичните и нецелосните решенија токму на ДУИ“, истакна Меџити.
Според него, ова е чувствително прашање и треба разумно да се пристапи, по одлуката на Уставен суд да расправа по законот за употреба на јазиците.
„Ја повикувам јавноста, сите значи, ова е чувствително прашање. Рамковниот договор е дел од уставниот поредок на Република Македонија. Врз основа на Рамковниот договор и сите тие кои посакуваат добро на државата, добро на меѓуетничките односи, на стабилноста треба разумно да пристапиме кон овој договор. Нема да навлезам во таа работа на Уставниот суд. Јас само повикувам дека ова не е правно прашање, туку и политичко прашање што ја тангира и стабилноста на државата“, рече Меџити.






