„Почувствував дека сега е моментот да го прифатам овој предизвик, затоа што стружани се уморни иднината на градот да се креира надвор од Струга и нашиот град постојано да биде паричка за поткусурување на ‘големите играчи’. Почувствував дека сега е моментот да им се покаже на големите играчи дека ‘Македонија е подалеку од Групчин’ и дека борбата не смее однапред да биде предадена“, вели Мојсоска.
Кандидатката на Левица смета дека за жал, Струга е заборавена и целосно игнорирана од секоја власт.
„Пполека исчезнува нејзиниот лик и сјај пред налетот на корумпираните шерифи – додека градот служи само за поделба на изборните ‘победи’ од владејачкиот колач. Градот на Охридското Езеро, кој има реноме во светската поезија, кој создал бројни историски херои, писатели, уметници – сега е препознатлив по уништеното крајбрежје, дивите депонии и хаосот од дивоградби кои демнат на секој чекор.
На овие избори нема да ветувам ‘брда и долини’, но можам да го ветам она што претходно Левица го покажа – а тоа е бескомпромисна борба, борба водена од принципи и идеи, а не борба за тендери и привилегии. Сигурно ние не сме најдобрите, но покажавме дека имаме волја и срце да се бориме за она во кое веруваме дека е од најдобар интерес за мнозинството, а не за интересите на локалните шерифи.
Верувам и знам дека Струга може повеќе, Струга умее повеќе, Струга заслужува повеќе. Нека овие избори бидат пресвртница на која ќе се покаже дека градот е наш, а не нивни“, порача Мојсоска при објавување на кандидатурата.






